Текстот за едно убиство во Швајцарија, објавен на МИА (државна новинска агенција) повторно на површина ги исфрла двојните аршини со кои настапуваат медиумите во Република Северна Македонија.
„Албанец од Северна Македонија со нож ја убил сопруга во Швајцарија“, е насловот на новинската агенција МИА.
Навистина неразбирлива е потребата секогаш кога се известува за некој немил настан, криминал, убиство или насилство поврзано со државјани на нашата земја што се припадници на „другите“ етнички заедници, да се потенцира нивната етничка припадност.
Во секој друг случај, кога оваа земја би требало да се гордее со нив, ќе беа Македонци, македонски и слично.
Таков беше и примерот со Бесар Алили, младиот борач кој во јуни годинава стана европски шампион, кога за неговиот успех известија сите медиуми.
Во општество кое се стреми кон тоа да биде „едно општество за сите“, каде и онака гледаме преголема поделеност по секакви основи, барем медиумите ја имаат таа обврска, и професионална и етичка, да не се однесуваат на овој начин.
Маја Ивановска