Педесет и тригодишен маж од гостиварско, вчера паднал додека работел на импровизирано скеле и се здобил со тешки телесни повреди. По падот, тој бил пренесен на Ургентниот центар во Гостивар, каде му била укажана лекарска помош.
Минатата недела пак, човек кој работел на зградата на Фудбалската Федерација на Македонија (ФФМ) во Скопје, почина откако паднал додека изведувал градежни работи. Според податоците од МВР, 56-годишниот скопјанец, вработен во фирмата која градела, паднал околу 16 часот и починал на самото место.
Ден пред тоа, 63-годишниот Б.С. од Богданци, во 8 часот, при изведување градежни работи на куќа во Радишани, паднал од висина и со возило на Итна медицинска помош бил пренесен во болница, каде околу 10 и 45 часот, починал.
На почетокот на годинава, на објект во изградба на улица „Лондонска“ во Скопје, почина 33-годишен градежен работник од село Челопек.
Според извештајот на несреќи при работа на Македонското здружение за заштита при работа, за 2018 година, има 33 смртни случаи, а додека случаи со повредени има 124. Најголема бројка од смртните случаи и повредените се случени во Скопје.
Во 2017 година, според извештајот на несреќи при работа на Македонското здружение за заштита при работа, бројката е помала. Во 2017 година се регистрирани 24 смртни случаи, а случаи со повреди има 134.
Според Законот за безбедност и здравје при работа, работодавачот има обврска да обезбеди безбедност и здравје при работа за неговите вработени од секој аспект поврзан со работата.
„Во рамките на неговите обврски, работодавачот мора да презема мерки потребни за безбедност и здравје при работа на вработените, вклучувајќи заштита од професионални ризици, обезбедување информации и обука и обезбедување соодветна организација и потребни средства. Работодавачот има обврска да воведе такви заштитни мерки и да избере такви работни и производствени методи кои ќе го подобрат нивото на безбедноста и здравјето при работа, а ќе се вклучат во сите дејности на работодавачот и на сите нивоа на организацијата“, стои во Законот.
Според член 8 од Законот, работодавачот е должен да планира мерки и средства за обезбедување развој и унапредување на безбедноста и здравјето при работа и за менување на постојните технолошки процеси со помалку опасни, односно со побезбедни процеси и да ги прилагоди мерките земајќи ги предвид променливите околности за подобрување на постојните состојби.
Сојузот на синдикати на Македонија во овој случај со несреќите сè уште немаат реакција. Тие најчесто реагираат во услови кога државата е зафатена со температура од жолта или портокалова фаза, да се почитуваат мерките предвидени со Акцискиот план за превенирање на последиците од топлотните бранови врз здравјето на населението, особено за градежните работници.
Реакција нема ни од Министерство за труд и социјална политика или приватни фирми и по сè изгледа дека и покрај тоа што има закони за заштита и безбедност на работниците, тие остануваат само на хартија. Работниците кои работат на градилиштата, за да го заработат лебот за семејството, останува сами да се грижат за нивната безбедност.
Ангела Петровска
фотографија: Биљана Јордановска