Над 37000 граѓани досега се пријавиле преку онлајн апликацијата за вакцинирање против Ковид-19. Првите 8000 вакцини од компанијата „Фајзер“ кои ни ги отстапи Србија се очекува да пристигнат следните денови, а кон средина на месецов се очекуваат и 200 илјади вакцини од кинеската „Синофарм“. Шефот на дипломатијата Бујар Османи, пак, во интервју за белгискиот весник „Ла либр“, рече дека Северна Македонија е колатерална штета на процесот, кој не ги исполнил очекувањата во однос на испораката на вакцините, оценувајќи оти земјите од Западниот Балкан требаше да бидат дел од европската програма за имунизација уште од самиот почеток.
Османи потсети и дека земјава уплати 800.000 дози вакцини во рамките на КОВАКС механизмот, и има, исто така, директен договор со „Фајзер“ за 800.000 дополнителни дози. -На овој начин сметавме дека сме сигурни и покриени со 1,6 милиони дози и дека тие се повеќе од доволни за да се имунизира нашето население. Но, сè уште не сме добиле ништо, вели Османи.
Тој потенцира дека, за жал, земјите од регионот на Западниот Балкан се влезени во регионален натпревар за добивање вакцини и со таа станаа предмет на геополитичка конкуренција за прашањето за вакцините.
– Владата одлучи да купи 200.000 вакцини од Кина, но нашата цел е да се заштитиме од овие геополитички размислувања. Идејата е да се започне кампањата за вакцинација, додава Османи, кој се надева дека наскоро ќе ги добиеме и платените вакцини.
Потсети дека од појавата на пандемијата на Ковид-19 регионот доби голема поддршка преку механизмите за солидарност на ЕУ или НАТО во однос на набавка на санитарна опрема, со што земјите од Западниот Балкан добија чувство дека се дел од Унијата, но таквиот впечаток не продолжи и кога започна вакцинацијата.












