• Latest

НАЈЧЕВСКА: За уставноста, законитоста и човековите права во контекст на Референдумот

September 27, 2018
Фотомонтажа: Х на Христијан Мицкоски/ скриншот од bi/org

Иднината на земјата меѓу гробницата на Александар и младите луѓе

May 14, 2025

И Латас се вклучи во кампањата на вмровските ботови за ширење на фотомонтажи од „визите“ на Заев и Филипче

May 14, 2025

Реакции: Од „Уа“ до „Браво“; „Цела влада треба да го следи светлиот пример на Таравари“…

May 14, 2025
Фото: Скриншотови од видео на CNN

Семејството Трамп го проширува бизнисот на Блискиот Исток во неговиот втор мандат

May 14, 2025

МВР за ЦИВИЛ Медиа: Лицето кое изврши убиство на Бит Пазар е познато на полицијата

May 14, 2025

Мрежа за климатска акција на Европа: Земјите од ЗБ да се обврзат на целосно укинување на јагленот до 2040 и зголемување на системите за обновлива енергија

May 14, 2025
Фото: Скриншот од видео на WION

Најинтензивните борби досега го потресуваат либискиот главен град

May 14, 2025

Суд на ЕУ: ЕК ги прекршила правилата за транспарентност во врска со СМС пораките на Фон дер Лајен за Ковид вакцините

May 14, 2025
Фотографија: WIkipedia

Харвард ја прошири тужбата откако Трамп откажа дополнителни 450 милиони долари грантови

May 14, 2025
Фото: миа.мк/архива

Врховен ја укина пресудата против Васил Јованов за поседување и трговија со наркотици, предметот вратен на повторно постапување

May 14, 2025
CivilMedia
  • ДОМА
  • ВЕСТИ
  • ПОЛИТИКА
  • ИЗБОРИ
  • ОПШТЕСТВО
  • СЛОБОДНА ЗОНА
  • АНАЛИЗИ
  • РЕГИОН
  • СВЕТ
  • ВОЈНА ВО УКРАИНА
No Result
View All Result
  • ДОМА
  • ВЕСТИ
  • ПОЛИТИКА
  • ИЗБОРИ
  • ОПШТЕСТВО
  • СЛОБОДНА ЗОНА
  • АНАЛИЗИ
  • РЕГИОН
  • СВЕТ
  • ВОЈНА ВО УКРАИНА
No Result
View All Result
CivilMedia
No Result
View All Result
Home ПРОЦЕСИ РЕФЕРЕНДУМ

НАЈЧЕВСКА: За уставноста, законитоста и човековите права во контекст на Референдумот

September 27, 2018 22:09
in РЕФЕРЕНДУМ, СЛОБОДНА ЗОНА
Share on FacebookShare on Twitter

пишува: проф. Мирјана Најчевска

Граѓаните на Република Македонија немаат некоја богата историја на референдумско изјаснување. Во изминатите години владејачките структури многу малку ги прашуваа граѓаните за нивното мислење за работите кои ги засегаат граѓаните. Кај граѓаните се создаде перцепција дека “има кој да мисли“, “тие горе (кои и да се) знаат што прават“, или, “кој не прашува нас“, “кому му е гајле што мислиме“.

Престојниот референдум треба да го искористиме како своевидна пресвртница на вака изградената пракса. Тоа воопшто не значи дека граѓаните мораат да излезат на референдум, меѓутоа грашаните треба да разберат дека имаат право на референдум и дека тоа е многу моќно право и многу моќна алатка која им стои на располагање.

  1. Референдумот е право.

Право на граѓаните да кажат што мислат за одредена работа од важност за поголем број граѓани. Рферендумот е можност за влијание. Можност граѓаните да бидат информирани за одредена одлука на власта, можност да се согласат или да не се согласат со таа одлука, можност да извршат притисок врз власта да донесе или да не донесе одредена одлука. Референдумот е акт на непосредна демократија. Акт на директно изјаснување без посрединици. Акт на  остварување на суверенитетот во неговото уставно значење како:  неделив, неотуѓив и непренослив.

Донесена е одлука за одржување на референдум на кој ќе биде поставено прашањето: „Дали сте за членство во ЕУ и НАТО со прифаќање на Договорот помеѓу Република Македонија и Република Грција?“?

Очекувано е да има луѓе кои позитивно би одговориле на прашањето (од најразлични причини) и луѓе кои би одговориле негативно (од најразлични причини). Она што не е вообичаено е бојкотирање на референдумот и откажување од сопственото право. Тоа не значи дека луѓето немаат право да бојкотираат или дека заради тоа треба да бидат казнети. Едноставно, се поставува прашањето: зошто некој би го бојкотирал референдумот?

Според мене можат да се издвојат  8 групи луѓе кои од различни причини би го поддржале бојкотот на референдумот.

  1. Прва група – сеедно ми е што се случува, сите се исти, гајле ми е за се, … Луѓе кои едноставно не се заинтересирани за случувањата во пошироката заедница, вообичаено не излегуваат на избори и не учествуваат во било какви активности поврзани со пошироката заедница. Овие луѓе најчесто не се партиски ориентирани.
  2. Втора група – не верувам во избирачкиот список. Луѓе кои мислат дека со непрочистен избирачки список не може да се изведува референдум бидејки секој резултат ќе биде сомнителен. Кон оваа група можат да се приклонат припадници на различни партии, меѓутоа во моментот би очекувала тоа да биде изговор пред се на членови и симпатизери на ВМРО-ДПМНЕ кои намерно или ненамерно забораваат дека актуелниот бирачки список е продукт на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ и дека и евентуални вонредни избори повторно би се изведувале со непрочистен список.
  3. Трета група – не верувам во ДИК и нејзините способности да изведат вака сложена постапка. Луѓе кои се свесни за ограничените капацитети на оваа институција и кои немаат верба во моралните, интелектуалните и/или професионалните карактеристики на членовите на ДИК.
  4. Четврта група – знам дека ќе изгубам. Тоа се членови и симпатизери на ВМТО-ДПМНЕ и/или на идеолошките вредности на ВМРО-ДПМНЕ кои веруваат дека мнозинството граѓани би гласале позитивно на поставеното прашање и бојкотот го гледаат како начин на опструирање на спроведување на волјата на мнозинството.
  5. Петта група – се плашам. Тоа се луѓе кои живеат во страв од реперкусиите на ВМРО-ДПМНЕ и објективно се плашат дека бојкотот ќе овозможи точно регистрирање на сите оние кои ќе се спротистават на волјата на ВМРО-ДПМНЕ и кои лесно можат да бидат издвоени и санкционирани при евентуална промена на власта.
  6. Шеста група – да не го формулиравте вака … Тоа се луѓе кои секогаш изнаоѓаат изговор и кои секогаш тврдат дека можат подобро се додека не дојдат во ситуација кога навистина може нешто да направат. Во тој момент некој им ги врзува рацете. Тоа се истите оние кои малечки сакале да бидат селектори на националната  репрезентација и кои  совршено знаат како да го состават  националниот тим со странски спортисти.
  7. Седма група – немам појма за што станува збор, ама знам дека сите се исти. Тоа се луѓе кои не знаат што пишува во Договорот со Грција, немаат и не сакаат да добијат информации за тоа што се добива, а што се губи со овој договор, меѓутоа имаат многу цврс став дека ништо не може да се промени, а ако се промени сигурно ќе биде на полошо.
  8. Осма група – Левица. Тоа се луѓе кои ме оставаат без текст.

Во секој случај, бојкотот на референдум е одреден вид на саботажа. Бојкотот на референдумот  овозможува евидентно МАЛЦИНСТВО ДА ЈА ДИКТИРА ВОЛЈАТА НАД МНОЗИНСТВОТО ГРАЃАНИ И ДА ГО ОНЕВОЗМОЖИ ФАКТИЧКОТО ПРАКТИКУВАЊЕ НА НЕПОСРЕДНАТА ДЕМОКРАТИЈА КАКО ПРАВО НА ГРАЃАНИТЕ.

Кога нема соодветни и издржани аргументи со кои луѓето ќе бидат поколебани во остварувањето на своето право да го искажат своето мислење на референдум, најлесно е да се негира правната основа на референдумот. Правната терминологија, правните решенија и стручните параметри, знаат да бидат збунувачки и да создадат таков вид на какафонија која што во најмала рака внесува црв на сомнение.

Секој референдум има свои специфики, она што е важно е да биде инициран и спроведен во границите на генералната уставна и законска рамка.

  1. Референдумот е и уставен и законски

Според мое мислење одлуката за распишување на референдум бр. 08 – 4666/1 (Сл. весник на Република Македонија – 140/18 од 30 јули 2018) на кој граѓаните треба да го кажат своето мислење во врска со склучен договор со Република Грција, е правно издржана.

Одлуката ги има потребните елементи (структурни и содржински) на начин на кој се дефинирани во Законот за референдум. Согласно членот 9 од  Законот за референдум и други облици на непосредно изјаснување на граѓаните, во одлуката е јасно дека референдумот го распишува Собранието на Република Македонија, на територија на целата држава, во врска со веќе ратификуваниот договор со Република Грција (што го прави дополнителен по неговиот карактер согласно член 25 од Законот за референдум). Во одлуката е дадено образложение од кое произлегува дека зачленувањето на Република Македонија во НАТО и отпочнувањето на процесот на преговори за пристапување кон ЕУ покрај исполнувањето на предвидените критериуми зависи и од решавањето на конкретниот спор со Република Грција и е даден денот на одржување на референдумот.

Самото прашање е доволно прецизно за да може граѓаните да се изјаснат со ДА или НЕ за многу јасното прашање: дали се за членство во НАТО и ЕУ со прифаќање на склучениот договор со Република Грција?

Не станува збор за прашање за стапување во ЕУ, туку за прашање за почнување на процес на преговори, кој не може да започне и кога станува збор за НАТО и кога станува збор за ЕУ, без исполнување на еден претходен услов – договор со Република Грција.

За да не дојде до ситуација противниците на референдумот да создадат забуна околу поставеното прашање, мислам дека би било многу добро Собранието да излезе со став дека откако ќе заврши процедурата за исполнување на предвидените критериуми за влез во ЕУ, ќе распише референдум со прашање дали граѓаните сакаат државата да стане членка на овој сојуз или не (што според Уставот е и обврска кога станува збор за ваков вид на промена на статусот на државата).

Од правна гледна точка, поставено е многу јасно и еднозначно прашање: дали граѓаните на Република Македонија го прифаќаат договорот со Грција како предуслов воопшто и да се размислува за членство во НАТО и во ЕУ. Значи, никакви табели, никаква повеќеслојност или двосмисленост. Јасно прашање: дали граѓаните го прифаќаат  договорот со Република Грција како нужен предуслов за членство во НАТО и ЕУ.

Ако сте за членство во НАТО и ЕУ со тоа што ќе го прифатите договорот со Грција заокружувате ДА. Ако не сте за членство во НАТО и ЕУ, или не сте за членство во било која од овие структури или пак, сте за членство меѓутоа не го поддржувате договорот со Република Грција и мислите дека членството може да се постигне и на друг начин, заокружувате НЕ.

Со одговорот ДА, граѓаните не се откажуваат од правото на идниот референдум за влез во ЕУ да се изјаснат негативно.

Со одговорот НЕ, граѓаните не се откажуваат од тоа да бараат влез во НАТО и ЕУ без исполнување на конкретниот предуслов адресиран со договорот со Република Грција.

Значи, ајде да не мешаме баби и жаби и препораки за референдум и мислења на Венецијанската комисија за сосема други ситуации.

Нема манипулација во референдумското прашање, граѓаните не се откажуваат од никакви права, и, Преспанскиот договор не е правна фикција туку ратификат изгласан од највисокото законодавно тело во државата.

Едноставно, на граѓаните им се дава можност да го искажат своето мислење за конкретна алтернатива, за можно решение. И тие треба да гласаат со ДА или со НЕ.

 

На референдумското прашање луѓето можат да одговорат позитивно или негативно од најразлични причини. Мотивите, желбата за изјаснување, очекуваните резултати, можат да бидат различни и многу субјективни.

Тоа е и целта на референдумот, различните индивидуални мислења да го отсликаат генералниот правец на развој зад кој стојат граѓаните. Тоа значи дека некој може да гласа позитивно затоа што му се допаѓа договорот со Република Грција, друг затоа што мисли дека местотот на Република Македонија е во НАТО, трет затоа што мисли дека треба да се имплементира вредносниот систем на ЕУ структурите,…

Јас лично ќе гласам позитивно затоа што мислам дека е направен добар договор кој и овозможува на Република Македонија да излезе од повеќегодична изолација и многу побрзо да напредува.

  1. Јас имам став и сакам мојот став да го искажам преку референдумот.

Јас нема да го бојкотирам референдумот затоа што тој претставува начин мојот глас да се слушне и да има влијание. Затоа што референдумот претставува највисок облик на непосредна партиципација на граѓаните во остварувањето на власта. Затоа што референдумот ја ограничува самоволната власт. Затоа што е тој алатка на демократијата која била со крв извојувана.

Јас ќе излезам да гласам на референдумот затоа што мојот глас е важен, затоа што имам мислење за поставеното прашање и затоа што имам став за поставеното прашање кој сакам да го кажам.

Јас ќе гласам позитивно на поставеното прашање на референдумот од две причини.

Прво, мислам дека договорот со Грција е сам по себе добар договор затоа што овозможува да мрднеме од мртвата точка на која сме заглавени веќе четврт век, затоа што е балансиран и компромисен, и, затоа што е правно издржан. Јас би гласала за и на референдум на кој би се поставило многу поедноставно прашање: дали сте за склучениот договор со Република Грција? Тоа што опозицијата (и во двете држави) која не успеа да смени ништо во изминатиот период на еднаков начин се спротиставува на договорот, употребува истоветна реторика во неговото негирање и на многу сличен начин ги поттикнува граѓаните на својата држава да го мразат другиот, претставува само уште еден доказ дека договорот е навистина компромисен.

Второ,  позитивниот исход на референдумот, според мене ќе претставува подотворена врата за промена. Промена на условите за развој, промена на вреднувањето, промена на општата клима во државата. Јас лично не очекувам  дека нешто одеднаш и преку ноќ ќе стане поинакво во државата. Не очекувам било која партија која ќе дојде на власт толку лесно да се откаже од облекувањето на удобните, добро разгазени чевли на претходникот. Не очекувам да потечат мед и млеко, не очекувам да скокнат платите, не очекувам да се исчисти воздухот или пак да се намали невработеноста. Меѓутоа, очекувам, постепено ограничување на партиското самоволие, очекувам се потешко облекување на оние претходно спомнатите добро разгазени чевли на претходникот, очекувам поставување на темелите на владеењето на правото, правила и процедури кои ќе ги штитат граѓаните од моќниците, зачеток на социјалната матрица во која никогаш (ни во зимо ни во лето) некој не смее да остане без струја и вода затоа што нема средства да го подмири долгот кон давателите на услуги.

За мене, позитивниот исход од референдумот е можност да влеземе во таква фаза од развојот во која кога ќе му биде поставено прашање на градоначалникот зошто на распишаниот тендер на ЈСП-Скопје била избрана фирма која постои само седум дена, тој нема да ми каже дека се’ е според закон и дека претходната власт ваков тендер дала на  депилаторка (по принципот „удобни, разгазени чевли на претходникот“). Ќе влеземе во таква фаза од развојот во која едноставно нема да биде возможно на ваков тендер да биде избрана фирма која постои една недела и кога на секое прашање градоначалникот ќе даде аргументиран, издржан и соодветен одговор во кој нема да се спомнува владеењето на претходната политичка гарнитура.

Референдумот е мое право и јас ќе го искористам, на начин кој не ги ограничува другите во искажувањето на нивното мислење.

 

Референдумот не е поврзан со париската припадност, со односот кон владејачката политичка структура или кон опозицијата и не значи одобрување или неодобрување на севкупната политика која се спроведува во моментот.

Референдумот се однесува на еден сегмент од активностите на владејачката структура и им овозможува на граѓаните да се изјаснат токму за тој сегмент.

  1. Референдумот не е изборен процес

Ме прашаа, како да гласаме на референдумот кога не ни се допаѓаат многу работи што ги прави СДСМ? Како да и дадеме поддршка на СДСМ кога сме поддржувачи на ВМРО-ДПМНЕ? Зар не е подобро да бојкотираме и со тоа да го искажеме своето незадоволство од политиките кои се спроведуваат?

Мислам дека има едно мало недоразбирање во врска со гласањето на престојниот референдум.

На референдумот не гласаме за избор на најдобра партија, или за избор на пратеници, или градоначалници или на советници во локалната самоуправа.

На референдумот не кажуваме дали ни се допаѓа или не управувањето на актуелната власт, нејзините политики, кадровски решенија, справување со проблемите во државата.

На престојниот референдум не гласаме за СДСМ или против СДСМ, за Заев или против Заев, за ВМРО-ДПМНЕ или против ВМРО-ДПМНЕ.

На престојниот референдум теба да го кажеме своето мислење за една многу конкретна работа: дали го одобруваме договорот направен со Република Грција со кој се отвора шанса  за влез во НАТО и започнување на преговори со ЕУ или не. Ништо повеќе и ништо помалку.

Значи, ако гласам позитивно на референдумот не гласам за СДСМ, и ако гласам негативно на референдумот, не гласам против СДСМ.

Доколку референдумот биде успешен тоа не значи дека е добро управувањето на СДСМ, туку дека   граѓаните ја одобруваат и поддржуваат конкретната активност на владејачката структура (договорот со Република Грција). Тоа ништо не зборува за другите активности кои ги спроведува оваа владејачка гарнитура, за другите потези, за севкупното делување на Собранието и на Владата.

Ниту позитивното ниту негативното гласање на престојниот референдум не ги спречува граѓаните да бараат отчет од власта за сите други постапки, да се согласуваат или да не се согласуваат со власта за низа други прашања, или пак да бараат или да не бараат спроведување на вонредни избори во врска со ова или било кое друго постапување на власта.

Воспоставувањето знак равенство меѓу постигнатиот договор со Република Грција и референдумското прашање поврзано со овој договор, од една страна, и, севкупното владеење на СДСМ, од друга страна,  е спин на ВМРО-ДПМНЕ, и значи само оневозможување на граѓаните да го искажат својот став во однос на конкретно поставеното прашање и нивна манипулација со затскривање на една успешна акција зад грешките кои се направени во изминатиот период.

Ајде да расчистиме.

На престојниот референдум гласаме за тоа дали го одобруваме или не постигнатиот договор со Република Грција кој очигледно ни обезбедува влез во НАТО и ја отвора вратата за сериозни преговори за влез во ЕУ.

Единствената врска која може да се воспостави меѓу гласањето на престојниот референдум и проблемите кои мислиме дека произлегуваат од работењето на актуелната власт, е таа дека отворањето на вратите на ЕУ, значи шанса за влез на европските стандарди кои ќе ни овозможат полесно да се справиме токму со тие проблеми и со грешките на оваа и било која друга власт која ќе ја наследи во иднина.

Позитивниот исход на референдумот не е крај, туку е почеток на долг процес на менување. Позитивниот исход на референдумот  воопшто не значи ниту дека оваа, актуелна владејачка структура ќе го истурка процесот на менување до крај. Позитивниот исход на референдумот само ќе значи дека секоја наредна гарнитура на власт ќе биде обврзана да го следи процесот на трансформација.

 

Во изминатите 27 години во Република Македонија многу малку се направи во градење на граѓанскиот наспроти етничкиот концепт. Многу малку се зборуваше за индивидуите наспроти групите. Многу малку се адресираше проблемот на колективните наспроти индивидуалните интереси и на флексибилноста на поврзувањето на индивидуите.

Во една таква атмосфера луѓето лесно ја превидуваат многу значјната димензија на договорот со Република Грција, која е тесно поврзана со заштитата на индивидуалните човекови права и слободи.

Токму оваа димензија всушност е основа и за референдумското изјаснување.

  1. За човековите права зборуваме

Во сеопштата какафонија на идентитетско-територијално-историско-контра империјалистички-про националистички-рационално ирационални и етно емоционални перцепции на спогодбата од Преспа, се заборава димензијата на човековите права и основни слободи.

Спогодбата не е само за државите и за народите и за етницитетите. Договорот е пред се за граѓаните на двете држави, за индивидуите.

Во Преамбулата на спогодбата се истакнува дека тие кои што ја склучуваат се “Водени од духот и начелата на демократијата, почитувањето на човековите права и основни слободи и достоинство“. Ако внимателно се прочита спогодбата станува јасно дека ова не е само формална флоскула, туку почитувањето на основните права и слободи е: суштински елемент на договарањето, суштински елемент на идните активности на државите во врска со имплементацијата на договореното и дека границата на голем број од активностите е исцртана токму по  линијата на повреда на основните права и слободи.

Во спогодбата има и член во кој што специфично се адресираат човековите права и основни слободи. Според членот 5: “Во вршењето на нивните работи, Страните ќе се раководат од духот и начелата на демократијата, фундаменталните слободи, почитување на човековите права и достоинство и владеењето на правото“. Во истиот член, имплементацијата на договореното се поврзува со обврските кои секоја од државите ги презела со прифаќањето на низа меѓународни договори (Повелбата на Обединетите нации, Универзалната декларација за човекови права, Европската конвенција за заштита на човековите права и основни слободи, Меѓународната конвенција за елиминација на сите форма на расна дискриминација, Конвенцијата за правата на детето, Документот од состанокот во  опенхаген на Конференцијата за човековата димензија на Конференцијата за безбедност и соработка во Европа, Париската повелба за нова Европа,  …).

Ова значи дека спогодбата не може да се интерпретира ниту пак да се применува на таков начин кој е спротивен на веќе прифатените (од страна на двете држави) вредности и обврски поврзани со заштитата на човековите права и основни слободи.

Во самата спогодба има и многу конкретни решенија кои се јасно поврзани со заштитата и промоцијата на индивидуалните права и слободи.

Како прво, направено е многу јасно разликување меѓу јавната и приватната сфера. Во документот се зборува за: промени поврзани со официјалните документи, официјалниот настап на државата и употребата на името од страна на официјалните органи и се гарантира приватната употреба на било кој од термините. Во членот 7 се истакнува дека: “Ниту една одредба од оваа Спогодба нема за цел на кој било начин да ја поткопа, измени или да влијае на употребата од страна на граѓаните на двете Страни“.

Тоа значи дека во приватниот луѓето можат да си се викаат Македонци и антички Македонци и Хунзи и …, и да се идентификуваат со било кој идентитет за кој мислат дека   претставува врска со нивното потекло без никакво ограничување.

Во спогодбата има и многу конкретни мерки со кои се штитат човековите права: се гарантира највисока можна заштита на сопствените граѓани, се забранува  говорот на омраза (член 6), се промовира слобода на движење (член 12 и 14), заштитата на животната средина и зачувувањето на природната средина се издигнуваат на ниво на приоритет (член 14), се промовираат и гарантираат културните права (член 15), се прифаќа концептот на  човековата  безбедност.

Спогодбата е алатка. Како и секоја друга алатка  може да биде употребена и злоупотребена. Меѓутоа, во самата спогодба има вграден контролен механизам – границата на секое делување е исцртана по линијата на заштитата на човековите права и основни слободи.

Токму ова, според мене ја прави спогодбата и соодветна и корисна.

Токму заради ова вреди да се излезе на престојниот референдум и да се искористи можноста да се слушне гласот на секој поединечно за да слушне државата што сакаме, а што не.


Оваа анализа е дел од граѓанската иницијатива „Зачекори напред!“, финансирана од Фондацијата Отворено општество – Македонија. Содржината е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги изразува гледиштата и ставовите на граѓанската иницијатива „Зачекори напред!“

Print Friendly, PDF & Email
Share252Tweet21Send

НАЈЧИТАНИ 5

  • Пандов љубител на костимирани настапи: ангелче, комита, моторџија, историчар, директор, а сега влезе и во мафијашки филм

    142 shares
    Share 57 Tweet 36
  • Зошто надворешната политика на владата на ДПМНЕ е антинационална и стана „тажната приказна“ на Балканот

    131 shares
    Share 52 Tweet 33
  • Тричковски: Медиумите се за граѓаните тоа што е златицата за компирите!

    97 shares
    Share 39 Tweet 24
  • Мрежа за заштита на жените Ромки: Фемицидот врз Рамајана не е изолиран инцидент; 142 случаи на семејно насилство врз ромски жени регистрирани во 2024

    96 shares
    Share 38 Tweet 24
  • ПОРТОКАЛОВА ГЛАВА НА ТЕГЕТ ОДЕЛО: Трамп, дрско и без почит, во потрага по внимание на погребот на Папата

    93 shares
    Share 37 Tweet 23

CIVIL MEDIA NEWSLETTER

Check your inbox or spam folder to confirm your subscription.

CivilMedia

СЛОБОДНО.НЕЗАВИСНО.ОТВОРЕНО

  • ЗА НАС
  • ИМПРЕСУМ
  • КОНТАКТ
  • АВТОРСКИ ПРАВА
  • Политика на приватност
  • МАРКЕТИНГ

Следете нè

No Result
View All Result
  • ДОМА
  • ВЕСТИ
  • ПОЛИТИКА
  • СЛОБОДНА ЗОНА
  • АНАЛИЗИ
  • РЕГИОН
  • СВЕТ
  • ВОЈНА ВО УКРАИНА
  • ДЕЗИНФО
  • ФОРУМ
  • ГРАЃАНСКА АКЦИЈА
  • МАРКЕТИНГ
  • ИМПРЕСУМ