Мандатот на оваа Влада предводена од премиерот Димитар Ковачевски треба да заврши на 28 јануари со изгласување на техничката влада во Собранието. Техничката Влада ќе има задача да ги спроведе парламентарните избори закажани на 8 мај.
Во Собранието со утринската координација на пратеничките групи, официјално стартуваа подготовките. Според информациите од Собранието до недела треба да има констатирање на оставка на претседател на Влада и претседател на Собрание, избор на нов претседател на Собрание, информирање на претседателот на државата за доделување на мандат на нов претседател на Влада, избор на Влада, министри, заменици министри и дополнителни заменици министри, како и констатирање на престанок на мандат на пратеник и верификација на мандат на нов пратеник во Изборна единица 5.
Оставките на премиерот Димитар Ковачевски и на претседателот на Собранието Џафери би требало да се случат во деновите пред новата седница на Собранието закажана за петок, 26 јануари, кога би биле констатирани оставките и избран новиот претседател на Собранието Јован Митрески, актуелен координатор на пратеничката група на СДСМ. Изборот на техничката Влада треба да биде во недела на 28 јануари.
„Јас нема да бидам министер во техничката влада, туку ќе ја предводам кампањата на СДСМ на претстојните избори. Во однос на техничката влада, тоа е законска обврска и сите кои што учествуваат во техничката влада, тоа се политички партии од власта и опозицијата, треба прво да ги предложат своите кандидати и да ја поддржат владата во Парламентот. Има доволно време до недела тие формалности да се завршат и в недела да имаме гласање со кое што ќе добиеме техничка влада која што ќе ги спроведе изборите“, изјави денеска Ковачевски.
ВМРО-ДПМНЕ и овој координативен состанок го бојкотираше. Тие претходно побараа укинување на техничка влада, а и на денешниот координативен состанок не присуствуваа. За своите предлози за кандидати за дел од техничката влада најверојатно ќе донесе на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ во среда. .
Координациите ги блокираат и претставниците од албанската опозиција поради неприфаќање на нивниот кандидат за член на Државната изборна комисија.
Според Пржинскиот договор постигнат во 2016 година, се направија измени во Законот за влада, кои предвидуваат Владата да добие технички премиер од власта, но опозицијата има право да именува министри за внатрешни работи и за труд и социјала, како и дополнителни заменици министри во ресорите финансии, земјоделство и администрација.
Од СДСМ дополнителен заменик министер со врзан потпис ќе биде Митко Бојмацалиев, шеф на кабинет на Оливер Спасовски, а во МТСП, пак, актуелната министерка Јована Тренчевска ќе остане во ресорот како дополнителна заменичка со право на вето. СДСМ дополнително, упати и јавен повик за самокандидирање на кандидати за пратеници во Собрание за парламентарните избори на 8 мај.
За технички премиер е предложен Талат Џафери. На 28 јануари, недела, до полноќ мора да се изгласа техничката Влада.
Б. Ј.