Церемонијата на потпишување и конференцијата на високо ниво на Конвенцијата на ОН против сајбер криминал, позната и како Ханојска конвенција, се одржа денеска во Виетнам.
На состанокот насловен како „Сузбивање на киберкриминалот – Споделување на одговорностите – Обезбедување на нашата иднина“ присуствуваше генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, како и лидери и високи претставници од околу 110 земји и бројни меѓународни организации.
Зборувајќи на церемонијата на отворање на високо ниво, виетнамскиот претседател Луонг Куонг рече дека одржувањето на церемонијата на потпишување од страна на Виетнам и нејзината позиција како прва земја што ја потпиша Ханојската конвенција ја демонстрираат неговата силна посветеност на владеењето на правото и целосното спроведување на меѓународните обврски, придонесувајќи за зајакнување на глобалниот правен поредок во сајбер просторот.
Претставници од 60 земји и региони учествуваа во потпишувањето на конвенцијата на официјална церемонија организирана од Канцеларијата за правни работи на ОН.
Генералниот секретар на ОН рече дека вистинската моќ на конвенцијата ќе лежи во претворањето на потписите во опипливи дела и ги повика државите потписнички брзо да ја ратификуваат и да започнат со спроведување на конвенцијата.
Тој, исто така, изјави дека преку Канцеларијата на ОН за дрога и криминал, Секретаријатот на Конвенцијата и Канцеларијата на ОН за правни работи, ОН ќе им помогне на земјите ефикасно да го спроведат договорот, да изградат капацитети, да ги зајакнат истрагите и да ја продлабочат прекуграничната соработка, пренесе МИА.












