Сашо Орданоски за ЦИВИЛ Медиа изјави дека 2019 година е историска година за Македонија, а причини за тоа се изборот на претседателот Стево Пендаровски и дека изминатата година, државата стана дефакто членка на НАТО.
„Исто така мислам дека се заврши и најголемата работа околу добивањето на датумот за ЕУ, почетоците на преговорите, дури и без разлика дали формално го добивме тој почеток или не, сите знаеме кои се причините поради тоа“, вели Орданоски.
Според Орданоски, 2020 година ќе биде комплицирана, година кога граѓаните ќе кажат дали и колку се задоволни од она што е сработено изминатите години.
„Дали граѓаните ќе проценат дека Македонија треба да се движи во една насока која што во изминатата година или две се поставија како резултат на работењето на оваа власт или сакаат да дојде повторно до промена и да се направи еден дисконтинуитет за да се вратиме на некакви искуства, нешто на кое порано сме поминувале“, изјави Орданоски.
Во 2020 година економијата треба да биде приоритет според Орданоски.
Орданоски вели дека според него личност на 2019 година е Пендаровски, бидејќи тој покажал значително повисок демократски капацитет и се обидува да се промовира себе и на една друга важна претседателска линија, како што е политичкото помирување во општеството.
Маја Ивановска
обработка на текст: Ангела Петровска
камера: Ариан Мехмети
монтажа: Владимир Перчуклиевски