– Мое искрено мислење е дека амбицијата на претседателот Александар Вучиќ не е да влезе во Европската унија, бидејќи тоа би значело дека тој и неговата опција мора да ги почитуваат многу строгите правила и стандарди на ЕУ во однос на демократскиот систем, слободата на медиумите, малцинските и други прашања. Наместо тоа, тој си игра свои игри – изјави Тонино Пицула, известувачот на Европскиот парламент за Србија на прес конференција,пренесе хрватскиот медиум 24Сата.
Пицула заедно со белгиската пратеничка Кетлин Ван Бремпт, која е задолжена за проширувањето во пратеничката група на социјалдемократите, и известувачот за Албанија, австрискиот пратеник Андреас Шидер, зборуваа за улогата на проширувањето во актуелниот геополитички контекст.
– Има четири столба на српската надворешна политика – Европската унија, САД, Русија и Кина и мислам дека не е можно постојано да се седи на четири столчиња. Мислам дека не споделуваме вредности и геополитички цели со Кина и Русија во повеќето области, а и сè помалку со САД – рече Пицула.
На прашањето дали Србија може да влезе во Европската унија со сегашното раководство, Пицула одговори негативно, нагласувајќи дека е невозможно да се има амбиција да се завршат преговорите до крајот на 2026 година, како што тврди српското раководство, без радикална промена на ставот и однесувањето во повеќе области.
Водачи во пристапниот процес во моментов се Црна Гора и Албанија. Во последните три години Србија не отвори ниту едно поглавје, Северна Македонија е блокирана поради билатерални прашања, а Босна и Херцеговина и Косово се на задната страна.
Сепак, Пицула предупредува дека најсилната политичка партија во Црна Гора е во коалиција со просрпската опција, која е отворено против членството на земјата во НАТО и ЕУ.
– Тие се отворена проруска опција и само се преправаат дека сакаат напредок на Црна Гора кон ЕУ – вели Пицула. Тој додаде и дека српскиот претседател Александар Вучиќ, доколку остане на власт, нема да дозволи Црна Гора да се оддалечи премногу од Србија на патот кон членство во ЕУ.
Зборувајќи за Босна и Херцеговина, претставниците ја поздравија одлуката на Германија и Австрија да го забранат влезот на претседателот на Република Српска, Милорад Додик и изразија надеж дека тоа ќе го сторат и другите земји-членки.
Пицула рече дека Додик е производ на нефункционалниот систем во БиХ, создаден со Дејтонскиот мировен договор. Тој рече дека „Додик мора да биде уапсен“.
Д. Т.