Поранешниот офицер на руските воздухопловни сили Глеб Ирисов изјави за Би Би Си дека рускиот претседател Владимир Путин се плаши од бунт на своите генерали.
Ирисов, поранешен офицер кој побегнал од Русија, работел и како воен дописник за руска новинска агенција. Тој вели дека го познава новиот руски командант задолжен за војната во Украина, Сергеј Суровикин.
Според него, Суровикин е назначен на таа функција бидејќи е „длабоко лојален“ на рускиот режим и лично на претседателот Путин. Тој додава дека рускиот претседател „сега се плаши од некаков вид на бунт на генералите“.
Поранешниот офицер на руските воздухопловни сили вели дека почнал да им се спротивставува на руските власти уште додека бил во војска, пред се поради фактот што раководството на армијата, но и политиката, ги запоставува сопствените војници.
Тој ја опиша руската војна во Украина како „катастрофа за Украина и Русија“ и опасност за целиот свет. Ирисов е песимист околу шансите за брза промена на режимот во Русија, и покрај „огромните жртви и тешките економски последици“ од војната во Украина.