Пратениците во Собранието денеска треба да расправаат по предлог законските измени на Изборниот законик, по скратена постапка, со кои, освен имплементација на препораките на ОБСЕ/ОДИХР се врши и допрецизирање на одредбите во однос на регистрацијата на гласачите со отстранување на ограничувањата врз основа на истечени документи за идентификација, така што ќе се овозможи избирачите да може да гласаат со лична карта или патна исправа чија што важност истекла во периодот од 9 (девет) месеци до денот на одржување на изборите.
Претседателот на СДСМ Димитар Ковачевски, вчера изјави дека партијата го поддржува предлогот граѓаните кои имаат лични документи со старото име нa државата да можат да гласаат, посочувајќи дека не го знае точниот број, но дека се работи за бројка од околу 100 илјади граѓани на кои мора да им биде обезбедено право да гласаат на изборите.
Техничкиот премиер Талат Џафери вчера изјави дека МВР ја интензивирало динамиката во однос на вадењето лични документи со новото име и според него ако оваа динамика продолжи, до изборите оние граѓани кои немаат документи со новото име тоа би можеле да го завршат до почетокот на изборите.
На дневен ред на денешната 147. седница на Собранието, се две точки – Предлог на закон за дополнување на Законот за високото образование и Предлог на закон за изменување и дополнување на Изборниот законик, и двете по скратена постапки, пренесе МИА.
Предлог изменување и дополнување на Изборниот законик се поднесени од пратениците Арбер Адеми (ДУИ), Мартин Костовски (СДСМ) и Никола Мицевски (ВМРО-ДПМНЕ).
Во предлог текстот, се вели дека предложеното законско решение е во насока на подобрување на изборниот процес и обезбедување на еднакво, демократско и слободно избирачко право.
Седницата е веќе во тек.