Премиерот Димитар Ковачевски, придружуван од заменик-претседателот задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ, министерот за надворешни работи Бујар Османи и министерката за одбрана Славјанка Петровска, денеска и утре ќе престојуваат во работна посета на Брисел.
За денес е предвидено премиерот Ковачевски, заедно со министерот за надворешни работи Бујар Османи и министерката за одбрана Славјанка Петровска да остварат средба со генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг. После средбата следува заедничка прес-конференција (која може да ја проследите на следниот линк.) на премиерот Ковачевски и генералниот секретар на НАТО Столтенберг.
Работната посета на Брисел потоа продолжува со низа средби во институциите на ЕУ. Премиерот Ковачевски ќе се сретне со претседателот на Европскиот Совет Шарл Мишел, по што работниот дел од првиот ден од посетата на Брисел ќе заврши со претседателката на Европскиот Парламент Роберта Метсола, на која покрај премиерот Ковачевски ќе присуствуваат и заменик-претседателот задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ и министерот за надворешни работи Бујар Османи.
Во петок премиерот Ковачевски ќе има средба со претседателката на Европската Комисија Урсула фон дер Лајен, на која ќе присуствуваат и заменик-претседателот Маричиќ и министерот Османи.
На маргините на дводневната работна посета на Брисел, Ковачевски ќе оствари и повеќе други средби со претставници на различни институции на ЕУ.












