Рускиот претседател Владимир Путин не е способен да прифати пораз во Украина, изјави денеска финскиот претседател Саули Нинисто на заедничка прес-конференција со норвешкиот премиер Јонас Гар Стор.
Претходно реков дека ми е многу тешко да замислам оти Путин може да признае каков било пораз. Дали тој воопшто е способен за тоа? Тоа е прашањето. Мислам дека не е способен да признае пораз, истакна Нинисто.
Стор нагласи дека не очекува преговори што ќе стават крај на руската агресија. За жал, тоа во моментов не ми изгледа возможно, изјави норвешкиот премиер.
Двајцата нордиски лидери остро го осудија денешниот масовен руски ракетен напад врз градови низ Украина. „Ова е неприфатлив напад врз цивили и кршење на сите принципи на хуманитарното право, меѓународните правила и регулативи“, додаде Стор.
Нуклеарните закани, мобилизацијата, лажните референдуми и анексијата на окупираните територии се едноставно неприфатливи. Таквите потези мора постојано да се отфрлаат од сите европски демократии, истакна норвешкиот премиер.
Она што се случува сега во Украина е бомбардирање на цивили и таргетирање на инфраструктурата која е многу важна за животите на цивилите. Се разбира, ова е терор. За жал, ми се чини дека создава нова промена во војната, ескалација на целата ситуација, оцени Нинисто.