• Latest
Domestic Violence and Abuse as a Abstract

Петнаесет години пекол (1. дел)

March 8, 2018
Фото: Фејсбук на Арбен Травари

Таравари си замина од владата на Мицкоски без испиено „сиктер кафе“

May 13, 2025

Денес: Вестминистерскиот сојуз за Украина се состанува во Лондон и онлајн за да ги зајакне демократското единство и поддршката за Украина

May 13, 2025

АНАЛИЗА: Внатрешниот долг за три месеци зголемен за 25,5 милиони евра

May 13, 2025
Фотомонтажа: Д. Мишев/ЦивилМедиа

Влатко Ѓорчев сега не го интересира изгор цената на црешите, важно краставиците да се евтини

May 13, 2025

Полска ќе му забрани влез на Додик

May 13, 2025

Нема да има реконструкција на Владата, ќе има само смена на министри

May 13, 2025

Јасна осуда на руската инвазија и дијалогот со Косово се клучни за европскиот пат на Србија, рече Кошта

May 13, 2025
Проф. д-р Љубомир Фрчкоски

(ДЕМАНТ) Фрчкоски: Срамен притисок врз критичарите на власта

May 13, 2025

ПРАШАЊЕ НА ДЕНОТ: Што мислите за излегувањето на Таравари од владата?

May 13, 2025
Фото: Скриншот Х

(ВИДЕО) Израел бомбардираше болница во Газа, „Хамас“ тврди дека меѓу убиените паценти е и новинарот Хасан Аслих

May 13, 2025
CivilMedia
  • ДОМА
  • ВЕСТИ
  • ПОЛИТИКА
  • ИЗБОРИ
  • ОПШТЕСТВО
  • СЛОБОДНА ЗОНА
  • АНАЛИЗИ
  • РЕГИОН
  • СВЕТ
  • ВОЈНА ВО УКРАИНА
No Result
View All Result
  • ДОМА
  • ВЕСТИ
  • ПОЛИТИКА
  • ИЗБОРИ
  • ОПШТЕСТВО
  • СЛОБОДНА ЗОНА
  • АНАЛИЗИ
  • РЕГИОН
  • СВЕТ
  • ВОЈНА ВО УКРАИНА
No Result
View All Result
CivilMedia
No Result
View All Result
Home ОПШТЕСТВО

Петнаесет години пекол (1. дел)

March 8, 2018 08:00
in ОПШТЕСТВО
Domestic Violence and Abuse as a Abstract

Domestic Violence and Abuse as a Abstract

Share on FacebookShare on Twitter

Исповед за страдањата на една жртва на долгогодишно семејно насилство (1. дел)

Не знам од каде да почнам да раскажувам за последнава, 2017 година. Или, да почнам од самиот почеток. Цели 15 години колку што има мојата прва радост, мојата ќерка Г., поминав низ тешко семејно насилство.

На 2.05.2002 година, се роди мојата храбра ќерка Г., мојата прва радост, мојата гордост. Со неполни 40 дена на родената ќерка јас, леунка, ја добив првата тупаница по око. Додека се свестам што повеќе ме боли, дали окото или душата и цела во прашалници, силно ме искорна за коса и ме натера да ја разбудам ќерка ми, наводно не сум ја нахранила.

Два месеци подоцна се соочив со една многу потешка ситуација. Не смеев да имам другарки, другари, пријатели. Ако видеше дека разговарам со некого, после тоа следуваше казна. Нозете цели ми беа со модрици и траги од кабел за струја.

Не пуши, не пие, не се коцка, не се дрогира. Но, во главата е тотално нестабилен, целиот е пореметен. Не размислува кога малтретира, дали удира на жена или на дете. Тој е една тотално нестабилна личност, а секој свој неуспех сакаше да ми го наметне мене. Неговиот збор е „МОРАВ“.

Многу закани претрпевме, и јас и моето семејство. Мојата сестра застана да ме одбрани во една ситуација. Му се спротивстави. Подоцна ми забрани да контактирам со неа. Мојот дедо, кој сега е покоен, не зборуваше многу, но во една ситуација повика полиција. Ги повика со добра намера, но тие ништо не презедоа. Само го поздравија, бидејќи и тој беше еден од нив. Резервен полицаец, обезбедување. Секоја година се молев на мајката Божја Дева Марија да ми помогне да се спасам од очајот во кој живеев 15 години и длабоко надевајќи се дека ќе се смени.

На само две години, мојата ќерка Г. ја доби првата шлаканица. Ме попари. Зошто? Бидејќи сакаше уште малце да игра со својата другарка. Во периодот од 2003 до 2005 година најпрвин бев малтретирана на секој можен начин, а потоа бев и мајка, домаќинка, студентка. Благодарение на моите родители, нивната поддршка, помошта околу ќерката и, се разбира, околу финансиската состојба, ми овозможија да завршам музичка академија. Додека господинот цело време се вадеше: „Криза е, не можам да најдам работа!“

Повремено ја чуваше ќерката, но побрзо ќе ја истепаше отколку што ќе играше со неа. Од секогаш бев и мајка и татко, а пред сѐ другар со моето дете. Никогаш не проба да се зближи со своето дете, секогаш беше на ладна дистанца. И мојата ќерка Г. не го чувствува како родител, нема никаква љубов кон него. Се плаши од него. Тоа е најтешко. Сопственото дете да се плаши од тебе. Повремено, низ годините, ќе најдеше работа, но наместо со ќеф, секогаш со незадоволство. Секое незадоволство го истураше на нас двете. Додека живеевме неколку години во куќата на моите родители, малтретирањето беше поретко.

Во 2007 година се вработив во образование, како наставник по музичко. Од една страна му годеше, а од друга ми правеше притисок. Ми забрани да излегувам со колешките, а ако го направев тоа, следуваше ќотек. Модриците ги прикривав со шминка. Пред народот ние бевме „среќно семејство“. И ден денес многумина мислат дека сме. Ние бевме сѐ, но тоа не.

Во јули 2008 година, почина мајка ми. Мојата поткрепа, мојата заштитничка. После тоа, дополнително се зголемија проблемите. Сега во прашање беше „Немаме наш стан, место за живеење“. Цело време бевме на товар на моите. Неговите не постоеја сѐ додека не дојдов тука, во Германија. После 14 години, за првпат ги запознав, во 2016 година.

Во 2009 година, 19 август, се вселивме во нашиот заеднички стан за кој, се разбира, ми помогна мојот татко. Се отепа од лажење и фалење по луѓето како тој допринесол за тој стан. Една недела пред да се вселиме, се соочив со смртта. Зад надворешната врата силно ме стегна и поткрена за вратот. Неколку минути бев без воздух. Во тој момент само помислив „Господе, на тебе оставам“. Како некоја виша сила да му ја турна раката. Десет минути подоцна не можев да си дојдам на себеси. Сѐ ми се одмили, и станот и заедничкиот живот во него.

Еден месец подоцна го добив најсилниот удар, по главата. Ми тресна силна тупаница во горниот дел од носот, челото, а истовремено со задниот дел од главата се одбив од ѕидот. Само што ја добив тупаницата, тргна од носот да ми тече крв. Еден час не можев да го сопрам крвавењето. Оваа сцена ја виде ќерка ми. Тој ден не отидов на работа, излажав дека сум болна. По неколку часа, моја постара колешка слушнала дека сум болна и враќајќи се дома, помина да ме види. Имаше што да види, цела фаца надуена. Остана без зборови.

После неколку месеци, на почетокот на 2010 година, имав последици од тој удар. Чести вртоглавици. Бев на испитување, правев магнетна резонанса. Потоа одев на сеанси и испитување на реагирањето на мозочните нерви во Нервно. Еден ден, конечно собрав храброст и најпрвин разговарав со мојата матична докторка, која имаше можност неколку пати да ги види модриците по моето тело. Ништо не ме праша, само ми рече „Жалосно е тоа што многу жени во Македонија се соочуваат со семејно насилство, но нема кој да ги заштити“. Потоа побарав помош од мојот доктор, кој само ми одговори: „Нема проблем, ќе го пуштиме во Бардовци или Демир Хисар, и од таму ќе се врати посилен. Ќе дојде, ќе те убие и ќе ти заврши работа.“

Во март 2010 година, почнав да ја компонирам мојата прва композиција „Сенки“. На тој начин, почна нешто да излегува од мене, музиката е мојот лек, моето смирение. Со ќерка ми поминавме многу тешка година. Особено пролетта беше неподнослива. Секој ден, секоја недела бевме соочени со проблеми. Секој ден од работа доаѓаше негативен, нервозен. За сѐ што му се случуваше на работа, се исфрлаше врз нас.

Откако ќе ме изнатепаше, потоа следуваше сексуално задоволување, а доколку го одбиев, ме удираше по ребрата. Не знам колку пати ми биле напукнати, болат со денови. Не можев да го смислам, а не па да имам секс со него.

Од септември, истата година, запна: „Сега е време за второ дете“. Години наназад избегнував да родам второ дете, бидејќи не сакав и тоа да се соочи со истата ситуација. Многу пати ме оставаше бремена, но јас абортирав. Но, кога запна, тоа и го оствари. Во 2011 година, јануари, останав бремена со мојата втора ќерка, Л.

Со само три месеци бременост, во една расправија, ме тресна по стомакот со тупаница. После тоа имав тешка бременост, се породив предвреме, последната недела од осми месец. Ќерка ми беше многу малечка и многу плачеше, врескаше и сега сѐ уште плаче.

Јас со години наназад не знам што е плачење, плачам ама без глас, сета болка ја потиснав, сега веќе ништо не чувствувам.

Во 2011 година, иако бев бремена, не бев поштедена. Во една ситуација ја стегна Г. за врат, бидејќи не сакаше да оди да купи леб. Не размислува пред да повреди некого, дека тоа е 9-годишно дете. Откако на свет дојде Л., сѐ си велев, конечно ќе се средиме, но не, повторно незадоволство. Благодарение на тетка ми Р. и нејзините совети, јас сум добра. Ако не беше таа и нејзината молитва, досега ќе бев два метра под земја. Речиси секој ден се слушавме преку телефон кога тој немаше да биде дома. Нејзините совети сѐ уште ми помагаат да се соочувам со сите тешки ситуации.

Сите чувства беа измешани во мојата глава, не знаев што чувствувам, цело време се запрашував каде се љубовта, разбирањето и вниманието. Такво нешто не ни знаев дали постои. Секогаш, сѐ со сила, со страв и агресија.

Во август 2012 година, тој доби бугарски пасош. Два месеци подоцна, замина во Германија. Во моментот почувствував олеснување, тоа беше привремен спас за мене и моите ќерки. Во тој период, како и секогаш, повторно бев и мајка и татко дома. Долго се преиспитував себеси, каде згрешив, потоа сфатив дека кај мене нема грешка. Потоа, се убедував дека така требало да биде.

Пред Нова Година се врати, а со тоа и проблемите. Незадоволството што цело време го носи со себе, упорно ми го наметнуваше мене. Јас бев проблемот, моите родители, само за да го задоволи своето ЕГО. Во февруари 2013 година повторно замина во Германија. Секое незадоволство ми го наметнуваше, се слушавме преку скајп и цело време ми ги повторуваше истите зборови „Ќе ти вратам за сѐ“. Како по обичај, јас бев виновна.

Точно на 1 јули дојде ненадејно, јас бев на работа, Л. во градинка, Г. дома. Само што стигнал, ја натерал Г. да ми се јави на мобилен. Мобилниот ѕвони, се јавувам „молам, мамичко“. Г.: „Татко ми е дома“. Во моментот се здрвив, пребледев, останав без зборови, почнав да се тресам, иако надвор беше 30 степени. Мојата колешка, пред сѐ, многу добра пријателка, В. ме сети. Ме стегна за рака и ми рече „Само храбро“.

Одев по патот тресејќи се, знаејќи што сѐ ме чека дома. Само што стигнав дома, немаше ни време да се пресоблечам, во ходникот пред тоалетот ме тресна силно со тупаница од позади, на вратот, на место се струполив, 10 минути не ги чувствував ни нозете ни рацете. Г. потрча да ми помогне но тој ѝ свика да се тргне настрана, а потоа следуваше силно тргање за коса. Заврши физичкото малтретирање, продолжи психичкото. Измислуваше приказни, само во неговите очи да бидам виновна. Барајќи основа да се одбрани себеси. По еден час ме натера да се соблечам и сексуално да го задоволувам. Во тој момент не можев да го гледам, а не па да имам секс со него. Одвратен ми стана, на моменти ми доаѓаше да го убијам. Но, јас тоа не можам, не сум МОНСТРУМ како него.

По две недели, долги како години, пак замина. Овој пат остана подолго. Повторно видовме раат неколку месеци. Работа, школо, градинка, без нервози и притисоци. Дојде три дена пред Нова година, повторно останал без работа.

Во февруари 2014 година, мојата Л. се разболи од бронхитис. Наместо да дојде со мене да се загрижи како прав родител, повторно ме остави да лутам по болниците, а тој остана дома да се излежава. Со малата ќерка во раце и големата ќерка за рака, се упативме кај матичниот педијатар. Како по обичај, јас бев виновна што детето се разболело. Нѐ задржаа во болница 15 дена. Во тој момент, на господинот му текна дека сега е време за бегање во Германија. Л. не беше ни три дена во болница, тој му ја летна, позајми пари и замина. Овој пат нашол добра работа, повремено пушташе по некоја пара, колку без ич да не биде.

Околу 20 август дојде на сред ноќ, во 3 часот наутро. Свеста ни ја извади, се преплашивме. Немал лоша намера, така испаднало. Првпат по толку време не создаде проблеми, можеби затоа што не остана долго, само 10 дена.

Следно доаѓање беше 2015 година, во октомври. Околу година дена се немаше вратено. Во тој период поминавме еден нормален живот без стрес, агресивност, страв, нервози… Кога дојде, повторно истата песна. Дојде на 2.10.2015 година и си замина на 30.10.2015 година. Само што стигна во Германија доби добра вест. Му одобрија стан за него и за нас.

На 5.12.2015 година дојдовме тука, во Германија. Во градот Х, мал град, убаво среден за некој добар почеток, а за нас пекол. Во истиот град, на истата улица, живее целото негово семејство, братучеди, браќа, соседи, пријатели, кратко речено целото село (…) собрано на улица (…). Кој од кој попрост, но главно „силни“.

Уште вториот ден, сѐ уште нестабилизирана од патот, да се покаже пред неговите „Еве и мојата жена е потчинета“, ме искритикува и ми се развика. Во моментот ништо не одговорив, се направив како да не сум слушнала. Скоро секој ден за сѐ и сешто ме критикуваше. Наводно сум го срамела пред неговите. Не сум смеела да зборувам со тие луѓе на висок интелектуален јазик, нормално, за нив е непознат. Се срамеше од мене, бидејќи сум класа. Цело време се докажуваше кој и што е, дури од чалам купи кола мерцедес од 20.000 евра, на кредит. Сите го кренаа високо, нормално, дојде при своите.

Во јануари 2016 година, за прв пат во 15 години брак ги запознав неговите родители. Бев приморана на тие непознати лица за мене да им се обраќам со „мама“ и „тато“.

Еден ден, на ручек со „господинот“, внукот Дарко и мојата Г… На самиот почеток на ручекот, „господинот“ ја стегна ќерка ми силно за вратот и ѝ удри три силни шлаканици и ѝ го раскрвави носот и на крајот ја исплука, оти на внукот му се обратила на име а не со зборот „батко“. Од тој момент бесот кај Г. почна да расте. Во тој месец, јануари, долг како година, и Л. за прв пат беше удрена од него во пределот на нозете, долната потколеница, со каиш, иако знаеше дека детето ни страда од вродена реума. Зошто? Бидејќи сака да си игра подолго, како и секое дете. Гледав и голтав, постојано размислував како да се спасиме од ситуацијата која нѐ опкружуваше.

Најтешко беше тоа што не го знаев јазикот. Цело време ме лажеше дека ќе ме пушти да одам на курс по германски, но ништо од тоа. Не ми даваше да имам пријатели. Единствени жени со кои можев да комуницирам беа јатрвите.

(продолжува)

2. дел


Идентитетот на авторката на оваа исповед е познат на ЦИВИЛ. Локациите и имињата на личностите поврзани со овие настани се избришани. Преземањето на оваа содржина е дозволен според Условите за користење.

Print Friendly, PDF & Email
Tags: семејно насилство
Share81Tweet21Send

НАЈЧИТАНИ 5

  • Пандов љубител на костимирани настапи: ангелче, комита, моторџија, историчар, директор, а сега влезе и во мафијашки филм

    142 shares
    Share 57 Tweet 36
  • Зошто надворешната политика на владата на ДПМНЕ е антинационална и стана „тажната приказна“ на Балканот

    131 shares
    Share 52 Tweet 33
  • Тричковски: Медиумите се за граѓаните тоа што е златицата за компирите!

    97 shares
    Share 39 Tweet 24
  • Мрежа за заштита на жените Ромки: Фемицидот врз Рамајана не е изолиран инцидент; 142 случаи на семејно насилство врз ромски жени регистрирани во 2024

    96 shares
    Share 38 Tweet 24
  • ПОРТОКАЛОВА ГЛАВА НА ТЕГЕТ ОДЕЛО: Трамп, дрско и без почит, во потрага по внимание на погребот на Папата

    93 shares
    Share 37 Tweet 23

CIVIL MEDIA NEWSLETTER

Check your inbox or spam folder to confirm your subscription.

CivilMedia

СЛОБОДНО.НЕЗАВИСНО.ОТВОРЕНО

  • ЗА НАС
  • ИМПРЕСУМ
  • КОНТАКТ
  • АВТОРСКИ ПРАВА
  • Политика на приватност
  • МАРКЕТИНГ

Следете нè

No Result
View All Result
  • ДОМА
  • ВЕСТИ
  • ПОЛИТИКА
  • СЛОБОДНА ЗОНА
  • АНАЛИЗИ
  • РЕГИОН
  • СВЕТ
  • ВОЈНА ВО УКРАИНА
  • ДЕЗИНФО
  • ФОРУМ
  • ГРАЃАНСКА АКЦИЈА
  • МАРКЕТИНГ
  • ИМПРЕСУМ