Европската унија очекува Србија да се придржува кон правното законодавство на ЕУ, вклучително и нејзината политика кон Русија, како и Белград да ги дели истите принципи и вредности со Брисел, се вели во одговорот на портпаролот на Европската комисија до српскиот сервис Глас на Америка на барањето за коментар на телефонскиот разговор меѓу претседателот Александар Вучиќ и Владимир Путин.
„Србија е земја кандидат и преговара за членство во ЕУ. Ова имплицира дека земјата се усогласува со правото на ЕУ, вклучувајќи го усогласувањето со Заедничката надворешна и безбедносна политика (ЗНБП) и рестриктивните мерки против Русија. ЕУ смета на Србија како доверлив европски партнер, кој ги дели истите принципи и вредности“, се наведува во писмената реакција на портпаролот на Европската комисија до Гласот на Америка.
Рускиот лидер Владимир Путин го осуди „надворешното мешање“ во Србија во телефонски разговор со претседателот Александар Вучиќ во петокот, додека антикорупциските собири ја потресуваат земјата.
Без дополнително објаснување, Вучиќ на Инстаграм објави дека со Путин разговарале за обновувањето на договорот за гас кој истекува на 31 мај и санкциите на американското Министерство за финансии против НИС, српската нафтена компанија чиј мнозински сопственик е руски Газпромњефт.
Д. Т.