На ден пред избори Мониторинг тимот на ЦИВИЛ бележи бројни случаи на кршење на изборниот молк, а во изминатите 24 часа недозволените активности на политичките партии се интензивираат.
Техничкиот министер за внатрешни работи, Наќе Чулев, и за време на изборен молк води политичка кампања на социјалната мрежа Фејсбук. Во текот на вчерашниот ден, јавноста беше запознаена и со неколку случаи на приведување, односно повикување на „информативен разговор“ на неколку јавни личности поради кршење на изборен молк, поврзан со фамозниот пост „да се пречкрта Северна на гласачкото ливче“, но исти или слични објави од спротивставената политичка партија, не беа предмет на ваква полициска „обработка“.
Во предизборниот период се забележува зголемена активност на одредени интернет портали чиишто содржини се наменети исклучиво за ширење лажни вести и дезинформации, со намера да се создаде искривена претстава за одредени политички структури пред јавноста.
Високи функционери и лидери на политички партии, како и нивни активисти се впуштаат во неконтролирана онлајн пропаганда, како да е просечен ден од изборна кампања, а не изборен молк.
И во вториот изборен ден од изборниот молк, речиси сите политички партии продолжуваат да го кршат изборниот молк, со тоа што на Фејсбук сè уште им течат спонзорирани видеа со пропаганден материјал.
Вкупно, Мониторинг тимот на ЦИВИЛ бележи 39 спонзорирани содржини на социјалната мрежа Фејсбук, (во кои не влегуваат и вчерашните 8 содржини кои се веќе стопирани од една од коалициите). Политичките реклами се забележуваат и на онлајн игрите и понатаму.
Покрај официјалните Фејсбук профили на политичките партии или кандидати за пратеници, Мониторинг тимот на ЦИВИЛ регистрира и 12 Фејсбук страници кои спонзорираат политички видео спотови без нарачател, а содржината е, пред сè, во категоријата црна пропаганда за одредена политичка партија.
ЦИВИЛ издаде соопштение врз основа на извештаите од набљудувањето на изборниот процес за периодот од вчера во 12 часот напладне до 12 часот денеска. Според соопштението, набљудувачите на ЦИВИЛ веќе од почетокот на изборниот молк на полноќ 13 јули, бележат бројни случаи на кршење на изборниот молк, а во изминатите 24 часа недозволените активности на политичките партии се интензивираат.
ЦИВИЛ ќе го набљудува денот на гласање со 314 набљудувачи, сите мобилни, кои ќе го набљудуваат изборниот ден во 16 категории, вклучувајќи ги почитувањето на мерките за заштита од коронавирусот, корупцијата, говорот на омразата, ширењето лажни вести и дезинформации.
На изборниот ден ЦИВИЛ ќе одржи 6 прес конференции и една панел дискусија. Првата прес конференција ќе се одржи во 8 часот наутро, а следните во 10, 13, 16, 18 и 22 часот. По завршување на прес конференцијата во 22 часот, следува панел дискусија со учество на експерти, долгогодишни соработници на ЦИВИЛ. Прес центарот на ЦИВИЛ на 15 јули ќе биде во хотел Порта, Аеродром. Организацијата ќе обезбеди бесплатен превоз за сите новинарски екипи до хотелот.
Потсетување: Во изминатиот период ЦИВИЛ преку инцијативата „Гласај /Voto“ одгвори на прашањето зошто е важно да се гласа. За повеќе информации за изборниот ден дознајте повеќе на voto.civil.org.mk
камера и монтажа: Ариан Мехмети