Во пресрет на изборите ЦИВИЛ посветува внимание и на зачестениот говор на омраза, дезинформации и ширењето на лажни вести на социјалните мрежи и интернет портали.
Мониторинг тимот на ЦИВИЛ секојдневно детектира и архивира содржини со говор на омраза и дел од нив секојдневно се објавуваат на медимуската платформа на ЦИВИЛ.
Кампањата против говор на омраза, дезинформации и ширењето на лажни вести е поткрепена и со спотови, огласи на ТВ, на радио, весници и Фејсбук.
ЦИВИЛ ја поведе иницијативата „Гласај / Voto“ на социјалните мрежи, за да им даде поттик на граѓанките и граѓаните да го искористат своето право на глас и да излезат на гласање на 15 јули. Изборите нѐ затекнаа во време на пандемија кога заштитата на јавното здравје е приоритет. Затоа, ЦИВИЛ повикува на гласање, но и на максимално придржување кон мерките за заштита од коронавирусот на денот на гласањето.
Познати јавни личности, граѓански активисти, актери, музичари, новинари ја препознаа важноста на правото на глас и зошто е потребна излезноста на 15 јули и ја поддржаа инцијативата на ЦИВИЛ. Така, во оваа иницијатива ја поддржаа: Перо Арсовски, актер и голем поборник за демократски и европски вредности, Дорина Ајдини, граѓанска активистка и популарна ТВ водителка, Ирена Стеријовска, режисерката и активистка, музичарот Мирко Попов, познат и како ПМГ Колектив, Анита Латифи, новинарка и активистка, Зоран Кардула, дизајнер и активист, Бубо Каров, мултимедијален уметник, Катерина Колозова, универзитетска професорка и граѓанска активистка, и други.
Тие, преку видео обраќања, Фејсбук статуси, со Фејсбук рамката „Гласај / Voto“, преку илустрации и на други креативни начини, ги повикуваат граѓанките и граѓаните на излезност.
Преку иницијативата на ЦИВИЛ, граѓанките и граѓаните може да се информираат за своите права и за сите најважни аспекти на изборниот процес, преку новата веб страница ГЛАСАЈ, VOTE.CIVIL.ORG.MK.
Гласај/Voto е името на Фејсбук настанот на страницата на ЦИВИЛ, на која граѓанките и граѓаните можат да ја искажат својата поддршка за оваа важна граѓанска иницијатива.
ЦИВИЛ бара од политичките партии да го почитуваат Изборниот законик, Уставот и законите на Република Северна Македонија, и да се придржуваат кон протоколите и мерките за заштита од корона вирусот.
камера: Атанас Петровски
монтажа: Ариан Мехмети