Се интензивира дијалогот меѓу работните групи што беа договорени на крајот на јануари меѓу Северна Македонија и Бугарија, со цел враќање на довербата и надминување на разликите меѓу двете земји. Во Софија утре ќе се одржи состанок на работната група за инфраструктура, додека в петок е редовниот состанок на експертско ниво, согласно договорената динамика на билатерални преговори за т.н. пакет на политички прашања меѓу двете министерства за надворешни работи. Премиерот Димитар Ковачевски, пак, вчера изјави дека и од Скопје и од Софија зависи дали позитивната енергија ќе биде преточена во конструктивен дијалог, пренесува МИА.
Премиерот Ковачевски, во однос на состанокот в петок за отворените политички прашања, рече дека доколку се постигне напредок, прифатлив за двете страни врз основа на европски вредности и почитување на двете страни, тогаш МНР тоа ќе го соопшти.
– Доколку се постигне напредок, прифатлив за двете страни врз основа на европски вредности и почитување на двете страни, како на државите, така и на граѓаните, тогаш МНР тоа ќе го соопшти на ист начин како што министерот за надворешни работи имаше обраќање во Комисијата за надворешни работи, од неколку часа, каде ги образложуваше основните поставки на разговорите што се водат, изјави Ковачевски.
Тој се осврна и телефонскиот разговор со неговиот бугарски колега Кирил Петков кој се интересирал за два инцидента што се случиле и тоа едниот во врска со искинати венци на гробот на Гоце Делчев и за искршено стакло на бугарскиот Културен центар во Битола. Ковачевски го информирал Петков дека МВР согласно регуларните процедури ги прави сите истражни работи за првиот случај, а вториот е инцидент мотивиран од приватни причини.
На состанокот, според најавите, ќе се разговара за најавената авиолинија од Софија до Скопје, како и за прашањата кои се од заеднички интерес во делот на патниот сообраќај, транспортната поврзаност и дигитализацијата.
Се очекува утре македонската и бугарската делегација од ресорните министерства за транспорт заедно со туроператори со лет од Софија до Скопје да пристигнат на Меѓународниот аеродром Скопје со што ќе се реализира и првиот лет на оваа релација. Очекувањата се дека редовната авиолинија Софија – Скопје ќе почне да функционира од следниот месец, а за неа, според најавите, е заинтересирана компанијата „Гуливер“.
Во Скопје, владините претставници заедно со туроператорите од двете држави ќе ги разгледаат можностите за интензивирање на соработката и понудата на туристички пакети со цел да се зголемат меѓусебните посети на туристи од двете земји.
Минатата седмица, со состанокот на Работната група за економија, трговија и иновации на претставници на С.Македонија и Бугарија, што се одржа во Скопје, почна и практичната примена на новиот пристап во односите меѓу двете земји, кои го најавија премиерите Димитар Ковачевски и Кирил Петков.












