Пратениците Изет Меџити и Арбен Зибери од ДУИ, кои вчераа се спомнаа како пречка за седницата за избор на претседателот на Собранието, денеска дојдоа со пофални зборови за Талат Џафери.
“Талат Џафери е погодната личност, најуспешниот претседател на Собранието. Тој е човекот кој ги крши табуата дека Aлбанците не само што можат да бидат претседател на Собрание, но може да биде и најуспешен”, изјави Изет Меџити.
Со слични зборови се изјасни и пратеникот од огранокот на ДУИ во Сарај, Арбен Зибери, при влез во Собранието каде ќе учествува на седницата за реизбор на Џафери за претседател на Собранието.
“Талат Џафери е најуспешниот претседател на Собранието. Имаме чест Собранието да ја води еден кадар како Џафери”, рече Зибери.
Утринава Талат Џафери го закажа во 12:00 часот продолжението на седницата каде на дневен ред се точките за избор на претседател и членови на комисијата за избори и именувања, како и за избор на претседател на Собранието.
Седницата беше најавена за вчера од страна на претседателот на ДУИ, Али Ахмети, но иако во Собрание беа видени пратениците, сепак истата не се одржа. Преку ден имаше обвинувања меѓу структурите на ДУИ, откако ограноците на Чаир и Сарај, беа револтирани од кандидатурата на Бујар Османи и Артан Груби за министри, без наводна консултација на ограноците. Официјално нема информации како дојде до смирување на страстите и дали ќе има промени во распределба на функциите во извршната власт меѓу кадрите на ДУИ.
Седницата започна со задоцнување и е во тек.
Арбен Зеќири