Армијата е активна на повеќе локации и дава клучна поддршка на сите централни и локални институции и во прилепскиот регион, рече министерката за одбрана Радмила Шекеринска при посетата на припадниците на Армијата во касарната во Прилеп и војниците кои се ангажирани во борба со пожарите во реонот на с,Топлица. „Успеаја да локализираат и изгасат голем дел од пожарите, но за жал и денеска чув и од нив дека нови жаришта се појавуваат, дел достапни, дел недостапни“, информираше Шекеринска.
Тие, го споделиле со министерката за одбрана сомнежот дека еден дел од тие пожари се и намерно поставени, посочувајќи дека заради тоа продолжуваат да бидат присутни таму за да не дозволат огнот повторно да се разгори. Од Армијата ја информирале Шекеринска дека во касарната во Прилеп активна е т.н. единица во приправност, која доколку има потреба веднаш ќе се вклучи во гасење на евентуални пожари регионот.
„Шекеринска порача дека Армијата дава и ќе продолжи да дава огромна поддршка во справувањето со пожарите низ целата држава. Таа додаде дека иако пожарот во реонот на селото Топлица е изгаснат, војниците ќе продолжат да бидат присутни во овој регион“, соопштуваат од Министерството за одбрана.
Пожарот кој се разгоре на непристапен терен на шест километри од Топлица, во попладневните часови ќе го гасне авионот на романското воено воздухопловство, кој пристигна вчера и веднаш се вклучи во справувањето со пожарите низ целата територија на нашата земја. / МИА












