Германија ги повлекува документите за сертификацијата на гасоводот Северен тек 2 по вчерашните акциите на Москва во источна Украина и признавањето на сепаратистичките „Народни републики“ Доњецк и Луганск од страна на рускиот претседател Владимир Путин, пренесува СиЕнЕн.
„Во однос на најновите случувања, треба повторно да ја процениме ситуацијата и во однос на Северен тек 2. Звучи многу технократски, но тоа е неопходен административен чекор за да се запре сертификацијата на гасоводот“, рече канцеларот Олаф Шолц во Берлин.
Гасоводот долг 750 милји беше завршен во септември, но сè уште нема добиено конечна потврда од германските регулатори. Без тоа, природниот гас не може да тече низ гасоводот на Балтичкото Море од Русија до Германија.
САД, Обединетото Кралство, Украина и неколку земји од ЕУ се противат на гасоводот откако беше најавен во 2015 година, предупредувајќи дека проектот ќе го зголеми влијанието на Москва во Европа.
Северен тек 2 би можел да испорачува 55 милијарди кубни метри гас годишно. Тоа е повеќе од 50% од годишната потрошувачка на Германија и може да вреди дури 15 милијарди долари за Гаспром, руската државна компанија која го контролира гасоводот.
Украина ја поздрави одлуката на Германија да ја прекине постапката за доделување сертификати за гасоводот „Северен тек 2“, откако Москва официјално ја призна независноста на двата сепаратистички региони во источна Украина, изјави денеска министерот за надворешни работи Дмитри Кулеба.
Во актуелните околности шефот на украинската дипломатија одлуката на Шолц ја оцени како морално, политички и практично исправен чекор.
„Вистинското лидерство значи носење тешки одлуки во тешки времиња. Потегот на Германија го докажува токму тоа“, напиша Кулеба на Твитер.
Британските медиуми пренесоа дека германскиот канцелар Олаф Шолц претходно денеска го суспендираше проектот за гасоводот што треба да испорачува руски гас во Германија.
Тој посочи дека на одлуката на Русија да ги признае Доњецк и Луганск денеска ЕУ ќе одговори со санкции и потврди дека наредил повлекување на документацијата за доделување на сертификатот за отворање на гасоводот „Северен тек 2“.
-Ситуацијата денеска е сосема поинаква од пред неколку дена и затоа треба повторно да ја анализираме. Побарав од Министерството за економија да го повлече документот од процедурата и со тоа да го спречи доделувањето сертификати за гасоводот „Северен тек 2“, изјави германскиот канцелар.












