Државната изборна комисија, по правило, првичните резултати од изборите добиени по електронски пат ги објавува сукцесивно, а резултатите врз основа на записниците од ОИК во рок од 12 часа по завршување на изборите .
ДИК конечните резултати би требало да ги објави веднаш, а најдоцна во рок од 24 часа од денот по нивната конечност. Со оглед дека ДИК доживеа напад врз нејзината веб страница, конкретно на делот резлутати, а во исчекување на седницата во 19:30 часот, причните резултати се чекаат пвовеќе од 12 часа.
Но, што по резултатите, што предвидува Изборниот законик?
Заштита на избирачкото право – одлуки по приговори на подносители на листи и на избирачи
Подносителите на листи
Приговор на постапката на гласање од подносител на листа се поднесува во рок од 48 часа по завршување на гласањето, а приговор за постапка на сумирање и утврдување на резултатите во рок од 48 часа по објавување на првичните резултати. ДИК е должна во рок од 72 часа да донесе одлука по приемот на приговорот. Против одлуката на ДИК може во рок од 24 часа, по приемот на решението, да се поднесе тужба до Управен суд.
Избирачи
Избирачите на кои им е повредено избирачкото право на денот на гласање во рок од 24 часа поднесуваат приговор до ОИК. ДИК е должна да донесе одлука во рок од 4 часа. Против оваа одлука може да се поднесе тужба до Управен суд во рок од 24 часа по приемот на решението. Управниот суд е должен да постапи по тужбата во рок од 48 часа по нејзиниот прием.
Формирање на Собрание
Доколку првата седница на Собранието не ја свика претседателот на заминување, седницата се одржува на дваесет и првиот ден од завршувањето на изборите, во 10,00 часот, а ја свикува најстариот по години избран пратеник, ако и тој одбие да ја свика, тоа право преминува редоследно на наредниот по години избран пратеник, се до избраниот пратеник кој ќе се согласи да ја свика првата седница.
Пратеникот кој ја свикал првата седница, претседава со седницата на Собранието (во натамошниот текст: претседавач), додека новоизбраниот претседател или еден од потпретседателите не ја преземе должноста.
Собранието може да се конститутира ако на седницата присуствуваат мнозинство на избраните пратеници. Откако ќе се утврди кворумот, се избираат претседател и членови на Верификационата комисија на Собранието (во натамошниот текст: Верификациона комисија).
Мандатот на пратениците Собранието го верифицира на конститутивната седница по предлог од Верификационата комисија. Верификационата комисија ја избира Собранието на конститутивната седница, по предлог од претседавачот. Верификационата комисија се состои од претседател и четворица членови, од редот на пратениците кои припаѓаат на различни политички партии застапени во Собранието. Врз основа на извештајот на Државната изборна комисија за избор на секој пратеник, Верификационата комисија на Собранието му поднесува писмен извештај со предлог за верификација на мандатот на секој пратеник одделно. Собранието го претресува и гласа во целина по извештајот на Верификационата комисија. Ако Верификационата комисија го оспори изборот на одделен пратеник, на Собранието му предлага да ја одложи верификацијата на неговиот мандат. За секој таков предлог Собранието расправа и одлучува одделно.
Собранието може да ја одложи верификацијата на мандатот на пратеник и со заклучок да побара Државната изборна комисија да ги изврши потребните согледувања, заради проверка на законитоста и правилноста на спроведениот избор и во рок од 30 дена за тоа да го извести Собранието. До добивањето на известувањето на Државната изборна комисија, пратеникот чија верификација на мандатот е одложена, нема право да присуствува на седниците на Собранието. Верификацијата на мандатот на пратеници кои станале пратеници од листата на кандидати за остатокот од мандатот, Собранието ја врши на првата наредна седница врз основа на извештајот на Државната изборна комисија, а по предлог од Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања.
Формирање на Влада
Собранието избира Влада на начин и според постапка утврдена со Уставот и со овој деловник. Претседателот на Собранието, во рок од три дена од денот на приемот на известувањето од претседателот на Републиката ги известува пратениците за кандидатот за претседател на Владата (мандатор).
Мандаторот, во рок од 20 дена од денот на доверувањето на мандатот, на Собранието му поднесува предлог за состав на Владата и програма.
Предлогот за состав на Владата се доставува во писмена форма. Предлогот содржи име и презиме на кандидатот за претседател на Владата и на кандидатите за министри, со биографски податоци. Предлогот за состав на Владата и програмата, претседателот на Собранието ги доставува на пратениците веднаш. Седница за избор на Владата се одржува во рок од 15 дена од денот на приемот на предлогот за состав на Владата и програмата. Мандаторот ја образложува програмата и предлогот за состав на Владата на седницата на Собранието на која се врши избор на Владата. По програмата на мандаторот и предлогот за состав на Владата, Собранието води единствен претрес. Претресот трае најмногу два дена.
Редоследот на пратениците кои ќе учествуваат во претресот го утврдува претседателот на Собранието на начин кој обезбедува учество во претресот на пратеници од различни политички партии застапени во Собранието. Гласањето за избор на Владата се врши по предлогот за состав на Владата во целина, со јавно гласање. Гласањето се врши по завршување на претресот, а најдоцна во 24 часот. Владата е избрана ако за неа гласало мнозинството од вкупниот број пратеници.
Останува само ДИК да ги објави неофицијалните конечни резултати…
Б. Ј.