Државен завод за статистика не е институцијата што може да каже дека се одложува или не пописот. Ние имаме Закон за попис и единствена институција што може да каже такво нешто е Собранието, каде што треба да се направи измена на законот, изјави директорот на Државниот завод за статистика, Апостол Симовски, во гостувањето на телевизија Канал 5.
Државниот завод за статистика стои на тоа дека може да го спроведе пописот и дека сите граѓани ќе бидат безбедни, бидејќи ќе се применуваат сите мерки предложени од Комисијата за борба против заразни болести, нагласи Симовски.
Во однос на попишувачите, Симовски, нагласи дека една третина од пријавните веќе биле вакцинирани, а половина од останатите, рече дека би се вакцинирале, доколку им биде организирана вакцинација.
Остануваат уште три дена за пријавување на нови кандидати, и тоа оди доста интензивно. За овој краток период има над 1.250 пријавени нови кандидати. На новото тестирање, кое ќе биде објавено, право на учество ќе имаат и тие што биле пријавени на претходниот конкурс, а не дошле на тестирање од која било причина. Очекувам дека ќе имаме доволен број кандидати, изјави Симовски.
За методологијата, Симовски рече, дека таа е целосно прифатена од Евростат, кои излегле со изјава дека нашата методологија е комплетно усогласена со стандардите на Евростат и ОН.
Во однос на можноста за бојкот, Симовски нагласи, дека пописот не е само право, туку и законска обврска на сите граѓани. Ако некој одбие да биде попишан, а сите протоколи се испочитувани, тогаш ќе сноси последици. Законот предвидува прекршочна одговорност и тука нема пардон за никого.
Граѓаните од Авганистан, кои треба да пристигнат во земјава, нема да бидат попишани, нагласи Симовски. и дека постои посебен протокол за азиланти и бегалци.