Секако дека лидерите на политичките партии ќе се соберат за да можат заедно да ја донесат одлуката за одложување на изборите, рече денеска премиерот Оливер Спасовски, но не прецизира кога тоа ќе се случи, дали денеска, утре,…
-Сигурно ќе се случи навреме за да се донесе таа одлука. Денеска прво ќе завршиме со Советот за безбедност. И на лидерската средба минатиот пат се договоривме дека се што ќе произлезе од развојот на ситуацијата, ќе носиме повторно одлуки, истакна Спасовски во изјава за Телевизија 24.
Во врска со актуелната состојба со коронавирусот, премиерот повторно апелира граѓаните да се придржуваат до препораките и мерките за заштита и да останат дома. Во Дебар и Центар Жипа, рече, состојбата е стабилна, без нарушување на јавниот ред и мир. Има нови тестирања за кои детали ќе соопшти министерот Филипче. Набавката на храна и се останато се одви по протокол, а ситуацијата се следи и на ниво на државата. Зајакнати се мерките и на граничните премини, вчера се работеше за граѓаните кои беа заглавени на граничните премини Хрватска – Србија и Унгарија -Србија.
-Апелирам да се почитуваат препораките на Владата, да не се патува надвор од државата, секој да придонесе за подобрување на состојбата. Да не се групираме, младите да не бараат алтернативни места за собирање, сите да помогнеме, прво на себе, а потоа и на семејствата и на државата, потенцира Спасовски.
извор: МИА