Преку 30 организации на граѓанското општество учествуваат на првиот ден од средбата за вмрежување во организација на Програмата Цивика Мобилитас кој се оддржува во Охрид од 25 до 28 ноември.
Цивика Мобилитас е програма за развој на граѓанското општество, финансирано од Швајцарската агенција за развој и соработка (СДЦ) која годинава одбележува 10 години постоење, период во кој до сега се поддржани 194 невладини организации од целата земја. Програмата на национално ниво ја спроведува Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС).
Средбата ја отвори Ибрахим Мехмети, претставник на Швајцарската амбасада, истакна дека 10 години Цивика Мобилитас им помага на невладините организации, бидејќи како што нагласи „на невладините им треба финансиска поддршка за да ги исполнат зацртаните цели“.
Александар Кржаловски од МЦМС, во своето обраќање, нагласи дека низ програмата на Цивика Мобилитас поминаа многу невладини организации, а како една од поуспешните го истакна токму ЦИВИЛ, при што на организацијата ѝ го честита 20-годишниот јубилеј.
„Се надеваме дека иницијативата на ЦИВИЛ – функционерите да ги вратат бонусите, ќе вроди со плод и сите да славиме“ – додаде Кржаловски.
Првиот ден на оваа Средба за вмрежување ќе заврши во чест на ЦИВИЛ, кога се очекува обраќање, кратка презентација и диџејски настап со ангажирана музика на претставниците на организацијата.
Д. Муратов