Директорот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни услуги, Зоран Трајчевски, за ЦИВИЛ Медиа вели дека при мониторинг на референдумската кампања испратија соопштение со забелешки кон неколку медиуми за пречекорување на ограничувањата за платена пропаганда, меѓутоа и покрај предупредувањето, медиумите 1Тв и Тв Сонце повторно ги пречекориле ограничувањата.
„Агенцијата поднесе прекршочни пријави за овие два медиума, а денеска повторно поднесе пријава за 1Тв за објавување на анкета за испитување на јавното мислење после рокот, а тоа беше до понеделник на полноќ“, додава тој.
Тој апелира до медиумите да го почитуваат 48 часовниот референдумски молк.
Трајчевски додава дека за време на референдумската кампања, ААВМУ не забележа дека медиумите објавувааат говор на омраза.
Тој истакна дека загрижувачки е тоа што за жал и покрај забраните, во ТВ спотовите за време на кампањата се злоупотребуваа малолетни лица.
„Тоа е сериозно прекршување и непочитување на правилата“.
Трајчевски ги повика граѓан(к)ите во недела да го искористат своето демократско право, правото на глас и да гласаат за опцијата која што сметаат дека е најдобра.
„Граѓаните да не потклекнат кон притисоците и заканите за кои сме сведоци дека се случуваат. Се надевам дека референдумот ќе помине во најдобар ред и резултатите ќе ги почитуваат сите зазаинтересирани страни, односно оние кои ја пропагираат страната – за, против или бојкот“, додава Трајчевски.
Дехран Муратов
Камера: Атанас Петровски
Монтажа: Ариан Мехмети
Овa видео-интервју е дел од граѓанската иницијатива „Зачекори напред!“, финансирана од Фондацијата Отворено општество – Македонија. Содржината е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги изразува гледиштата и ставовите на граѓанската иницијатива „Зачекори напред!“