ЦИВИЛ ќе го набљудува денот на гласање со 314 набљудувачи, сите мобилни, кои ќе го набљудуваат изборниот ден во 16 категории, вклучувајќи ги почитувањето на мерките за заштита од коронавирусот, корупцијата, говорот на омразата, ширењето лажни вести и дезинформации.
На изборниот ден ЦИВИЛ ќе одржи 6 прес конференции и една панел дискусија. Првата прес конференција ќе се одржи во 8 часот наутро, а следните во 10, 13, 16, 18 и 22 часот. По завршување на прес конференцијата во 22 часот, следува панел дискусија со учество на експерти, долгогодишни соработници на ЦИВИЛ.
Прес центарот на ЦИВИЛ на 15 јули ќе биде во хотел Порта, Аеродром. Организацијата ќе обезбеди бесплатен превоз за сите новинарски екипи до хотелот.
Изборниот ден на предвремените парламентарни избори на 15 јули ќе го набљудуваат 8 акредитирани граѓански организации од земјата со вкупно 2508 домашни набљудувачи. Акредитирани се и 21 меѓународни набљудувачки мисии, амбасади и преведувачи или вкупно 154 меѓународни набљудувачи и преведувачи. Исто така, Државната изборна комисија акредитираше 55 странски новинари што ќе известуваат на 15 јули.
Граѓанската асоцијација МОСТ информациите од набљудувањето на гласањето на денот на изборите ќе ги соопшти на четири прес конференции, кои ќе се одржат во 9, 11, 15, и 19 часот.
ДИК ќе одржи седум прес конференции, во 9.30, 11.30, 13.30, 15.30, 17.30, 19.30 и 21.00 часот како и дополнителна прес конференција за соопштување на првичните неофицијални резултати.