Украинското Министерство за енергетика денеска соопшти дека ќе го запре извозот на електрична енергија по денешните големи руски ракетни напади врз енергетската инфраструктура.
Денешните ракетни напади, кои ги погодија термоцентралите и друга инфраструктура за снабдување со електрична енергија, ја принудија Украина од утре да го прекине извозот на електрична енергија со цел да го стабилизира сопствениот енергетски систем, се вели во соопштението на украинското Министерство.
Украинскиот министер за енергетика Херман Халушенко изјави дека утринскиот напад врз енергетскиот систем е „најголем во текот на војната досега“.
Во телевизиско интервју, тој нагласи дека руските ракетни напади „врз целиот наш синџир на снабдување беа извршени на таков начин што ќе го отежнат префрлањето на други извори што е можно повеќе“.