Министрите за надворешни работи на ЕУ денеска во Брисел треба да разговараат за најновите случувања во украинскиот конфликт, по викендот на зголемени тензии во Донбас, каде имаше жртви, пријавени од двете страни, јави ДПА.
Зголемениот број на прекршувања на примирјето во источна Украина е предмет на особена загриженост, поради стравувањата дека рускиот претседател Владимир Путин би можел да ги искористи борбите меѓу проруските сепаратисти и украинските владини трупи како изговор за напад врз Украина.
Украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба треба да присуствува на заедничкиот појадок со неговите колеги од ЕУ.
Меѓу другите теми на дневен ред е и влошувањето на безбедносната ситуација во БиХ.
Министрите треба да разговараат и за безбедносната ситуација во Мали, каде што Европската унија мора да одлучи дали да ја заврши својата мисија за обука на вооружените сили на Мали по неодамнешниот воен удар.
Бајден, во принцип, е отворен за средба со Путин, доколку не се случи инвазија
Американскиот претседател, во принцип, прифаќа средба со рускиот претседател Путин, доколку не се случи инвазија.
„Како што претседателот во неколку наврати јасно кажа, ние сме посветени да продолжиме со дипломатијата до моментот кога ќе започне инвазијата. Секретарот Блинкен и министерот за надворешни работи Лавров треба да се сретнат подоцна оваа недела во Европа, под услов Русија да не продолжи со воена акција“ – изјави Џен Псаки во неделата, 20 февруари.
Изјавата на Псаки доаѓа по идејата за средба меѓу американскиот и рускиот претседател, која ја предложи францускиот претседател Макрон.
„Претседателот Бајден во принцип прифати средба со претседателот Путин [по средбата Блинкен – Лаавров], повторно, доколку не се случи инвазија“ – изјави Псаки.
Даунинг стрит: ветувањата на Путин кон Макрон се добредојден знак за Украина
Британскиот премиер Борис Џонсон изјави дека ветувањата на рускиот претседател Владимир Путин на неговиот француски колега Емануел Макрон се добредојден знак дека тој сепак е подготвен да се вклучи во изнаоѓање дипломатско решение за украинската криза.
Според Даунинг стрит, Џонсон разговарал со Макрон по неговиот вчерашен телефонски разговор со Путин и во соопштение се наведува дека британскиот премиер истакнал дека гласот на Украина мора да биде клучен во сите разговори.
„Премиерот истакна дека обврските на претседателот Путин кон претседателот Макрон се добредојден знак дека тој се уште може да биде подготвен да се ангажира во изнаоѓање дипломатско решение. Премиерот истакна дека гласот на Украина мора да биде централен во какви било дискусии“, се вели во соопштението на портпаролот на Даунинг стрит.
„Лидерите се согласија за потребата и Русија и Украина во целост да ги исполнат своите обврски од Договорот од Минск. Тие, исто така, ја истакнаа потребата претседателот Путин да се повлече од своите сегашни закани и да ги повлече војниците од границата со Украина“, се вели во соопштението на Даунинг стрит.
САД подготвуваат санкции против руските банки
Американската администрација подготвува првичен пакет санкции против Русија, што вклучува забрана на американските финансиски институции да обработуваат трансакции на големи руски банки, објавија западни медиуми, повикувајќи се на свои извори.
Станува збор за прелиминарен пакет рестриктивни мерки кои Вашингтон ќе ги применува само во случај на руски напад врз Украина.
Според извештаите на западните медиуми, санкциите имаат за цел да и наштетат на руската економија преку нарушување на меѓубанкарските коресподентски односи, кои се во основата на глобалните парични текови.
Освен тоа, според изворите, САД имаат намера да стават на црна листа уште неколку руски поединци и компании. На нив ќе им биде забрането да тргуваат со Американци и ќе им бидат замрзнати средствата во САД.
САД постојано и се закануваат на Русија со построги санкции. Тие вклучуваат блокирање на Северен поток 2, мерки против рударската индустрија, финансиските институции, државниот долг, исклучувањето од SWIFT и ограничувања на рускиот лидер и неговото опкружување.
Изворите велат дека пакетот може да се промени до последен момент и не е јасно кои ќе бидат метите. Сепак, тие веруваат дека врвните руски финансиски институции, вклучително и ВТБ банка, Сбербанк и Газпромбанк се можни цели.
Во најблискиот руски град до сепаратистичкиот регион на Украина, нема скоро никакви знаци од бегалци
Ростов На Дон требаше да се подготвува за прилив на стотици илјади бегалци откако отцепените народни републики Доњецк и Луганск наредија евакуација, но нив не можете никаде да ги видите, пишува Москва тајмс.
Откако властите во бунтовничките Доњецка и Луганска народна република во петокот наредија евакуација на постарите, жените и децата поради неосновани тврдења дека украинскиот напад е неизбежен, Ростов – најблискиот голем руски град до регионот – теоретски требаше да се подготвува за прилив на луѓе.
Но и покрај тоа што локалните власти прогласија вонредна состојба во Ростов, кога репортери на Москва тајмс го посетиле јужниот град во саботата, немало докази за воена треска или бегалци.
Клемент Бон: Самитот Путин – Бајден нема да се случи пред четврток
Францускиот министер за европски прашања Клемент Бон изјави дека самитот меѓу американскиот и рускиот претседател, Џо Бајден и Владимир Путин, „нема да се случи пред четврток“. Тој ги даде коментарите за француската телевизија LCI.
Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров денеска треба телефонски да разговара со својот француски колега Жан-Ив Ле Дриан, а в четврток со американскиот државен секретар Ентони Блинкен.
Бон ги опиша овие состаноци како „подготвителни“ за самитот меѓу двајцата претседатели.
– Ќе ја видиме ситуацијата по тие дискусии, истакна францускиот министер.
Путин и Бајден начелно се согласиле на билатерална средба на која ќе разговараат за тензиите околу Украина, по повиците со францускиот претседател Емануел Макрон, вклучително и тричасовната дискусија со Путин, според Бон.
– Дипломатската надеж е обновена од Макрон, нагласи тој.
Кремљ: Прерано е да се организира самит Бајден-Путин за Украина
Кремљ денеска соопшти дека е прерано да се организира самит меѓу рускиот лидер Владимир Путин и американскиот претседател Џо Бајден, откако Париз најави можност за средба за смирување на тензиите околу Украина.
„Прерано е да се зборува за какви било конкретни планови за организирање каков било вид самити“, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков. Тој додаде дека не се направени „конкретни планови“ за средба.
Путин го свика рускиот Национален совет за безбедност
Рускиот претседател Владимир Путин го свика за денеска Националниот совет за безбедност, поради загриженоста за кризата во Украина, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
Песков ја оцени ситуацијата во зоната на конфликтот како „исклучително тензична“.
– Досега не гледаме знаци за смирување на тензиите, истакна портпаролот на Кремљ.
Меѓународните набљудувачи неодамна соопштија за масовно зголемување на прекршувањата на прекинот на огнот.
Москва тврди дека граната испукана од Украина уништила руски граничен објект, Украина негира
Официјална Москва соопшти дека граната истрелана од Украина уништила пограничен објект што го користела руската Федерална служба за безбедност (ФСБ), во момент на загриженост на Западот за ескалација на борбите во источна Украина.
„На 21 февруари, во 9:50 часот (06:50 ГМТ), проектил испукан од Украина целосно уништи граничен објект што го користеше граничната служба ФСБ во Ростовската област на околу 150 метри од руско-украинската граница“, се вели во соопштението на ФСБ.
Украинската војска негираше дека гранатирала пограничен објект што го користи руската Федерална служба за безбедност (ФСБ), нарекувајќи го тврдењето на Москва – „лажни вести“.
„Не можеме да ги спречиме да ги произведуваат овие лажни вести, но секогаш нагласуваме дека не пукаме во цивилна инфраструктура, или на некоја територија во Ростовската област или што било друго“, изјави портпаролот на украинската војска Павло Ковалчук.
Украина не забележува намалување на руските сили околу нејзините граници, тврди министерот за одбрана
Украина не е сведок на повлекување на руските сили од позиции блиску до украинската граница, изјави денеска министерот за одбрана Олексеј Резников.
– Ги набљудуваме руските трупи, кои денес бројат речиси 127.000 припадници на копнените сили, а заедно со воената морнарица и военовиоздухопловните сили изнесуваат околу 147.000, истакна Резников.
Според него, „не се забележува повлекување и не станува збор за намалување на бројот, бидејќи единиците може брзо да се вратат на претходните позиции или да се префрлат во друга област“.
Украинското Министерство за одбрана соопшти многу слични бројки минатата недела.
Германија го повика Путин да не „игра со човечки животи“ во Украина
Германската министерка за надворешни работи Аналена Баербок апелираше до рускиот претседател Владимир Путин „да не си игра со човечки животи“ во Украина.
– Упорно апелирам до руската влада, до рускиот претседател: Не си играјте со човечки животи, нагласи Баербок во Брисел при пристигнувањето на состанокот на Европскиот совет за надворешни работи.
– Навистина неодговорната игра со граѓанското општество и со луѓето во окупираните области од двете страни – е неодговорна, додаде таа.
– Нападите, насилниот конфликт што го доживеавме во последните 72 часа се навистина алармантни, прекинот на огнот постојано се прекинува и животите на луѓето се многу загрозени поради прекинот на снабдувањето со вода и електрична енергија, рече таа.
Таа повика на враќање на преговарачка маса.
-Тоа е во ваши раце. Седиме на маса секој час и секоја минута. Ве чекаме заеднички да се грижиме за мирот и безбедноста во Украина.
Трас: Се зајакнуваат подготовките за најлошото сценарио во Украина
Британската министерка за надворешни работи Лиз Трас денеска потенцираше дека се зајакнуваат подготовките со сојузниците за најлошото сценарио во украинската криза, додавајќи дека е многу веројатна руска инвазија.
– Мора да се продолжи со дипломатијата, но руската инвазија врз Украина изгледа многу веројатна. Велика Британија и сојузниците ги зајакнуваат подготовките за најлошото сценарио, напиша Трас на Твитер по разговорите со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг во Брисел.
– Мораме да ги направиме трошоците за Русија неподносливо високи, истакна шефицата на британската дипломатија.
Франција: Путин мора да одлучи за „можниот“ самит со Бајден
Франција денеска го повика рускиот претседател Владимир Путин да донесе одлука за средба со американскиот колега Џо Бајден на самит предложен од Париз за намалување на тензиите околу Украина.
– Денес е можно да се придвижиме кон самит… Сега останува на претседателот Путин да го направи својот избор, изјави за новинарите функционер од кабинетот на францускиот претседател Емануел Макрон, кој побара да остане анонимен.
Тој ја оцени ситуацијата како „многу опасна“ и „одење по тенка линија“.
Д.М.












