Вакцинацијата против Ковид-19 во земјава почнува утре, и тоа најпрвин со вакцинирање на зравствените работници од Инфективната клиника во Скопје. Надлежните потврдија дека подготовките за масовното вакцинирање се во тек, а до крајот на месецов се очекува да пристигнат и кинеските вакцини.
Вакцинацијата ќе почне во среда во 10 часот, во модуларната болница на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби.
Министерството за здравство соопшти дека пунктот во модуларната болница каде има шест вакцинални позиции ќе работи во две смени од 8 до 20 часот, а вакцинацијата ќе ја спроведуваат медицински тимови од Здравствениот дом Скопје. Според утврдениот план, термините за вакцинирање ќе бидат на 10 минути.
Националниот систем до ковид-центрите низ државата во текот на вчерашниот ден испрати списоци каде се наведени имиња на здравствени работници кои сакаат да се вакцинираат, со точен час и ден кога треба да дојдат да ја примаат вакцината во модуларната болница на Инфективната клиника во Скопје. Ковид-центрите треба повратно да ги потврдат листите.
Досега се пријавени 4000 здравствени работници за вакцинација, од кои околу 2000 се во градот Скопје, а останатите се во другите градови.
Секој здравствен работник кој ќе прими вакцина, веднаш ќе му биде резервирана втора доза за ревакцинација.
Првата вакцинацијата ќе се изврши со 4680 дози вакцини од производителот „Фајзер“, донирани од Србија. Со оваа пратка вакцини, имунизација ќе се споведува само во модуларната болница во Скопје. Со пристигнувањето на другите дози вакцини, ќе се врши дистрибуција низ останатите здравствени домови во земјава каде вакцинацијата ќе се спроведува во постоечките вакцинални пунктови.












