Поранешниот шеф на УБК, Сашо Мијалков и сите други обвинети и адвокати во случајот за масовното прислушување „Таргет-Тврдина“, денеска немаа прашања за Зоран Верушевски, кој на претходното рочиште имаше исказ во кој меѓудругото рече оти „бомбите“ доживеале модификации и контаминации.
Во своето денешно сведочење на рочиштето за предметот “Таргет Тврдина”, поранешниот разузнавач, Зоран Верушевски, одговорајќи на прашањата на обвинителството поврзани со нелегалното прислушување во Управата за безбедност и контраразузнавање, изјави дека Никола Груевски треба да биде првообвинет во овој случај, бидејќи поседува голем број бомби и нив ги користи за да обезбеди повластен статус.
– СЈО во овој предмет направи круцијално поместување на лицето кое требаше да биде првообвинето, а сега е во бегство во Унгарија. Суштината на оваа документација е дека е креирана од тој што имал најголем бенефит. Клучна е амбицијата на тоа лице кое ја имал таа патолошка желба да ја задржи власта по секоја цена, рече Верушевски.
Обвинителите Ленче Ристоска и Трајче Пеливанов се пријавија да постават дополнителни прашања за да се разјасни фактичката состојба. На нивното барање се противеа адвокатите посочувајќи дека обвинителот може да поставува дополнителни прашања само во случај ако одбраната имала вкрстени прашања. Судот одлучи да го прифати предлогот на Ристоска.
Во „Таргет-Тврдина“ првообвинет е поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, поранешниот началник на Петтата управа во МВР Горан Грујевски и вработениот во УБК, Никола Бошкоски, како и поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, шефот на кабинетот на Мијалков, Тони Јакимовски, Владимир Варелов од УБК и уште пет други лица од Управата.
Според обвинителниот акт, преку три системи за следење на комуникациите во УБК, во периодот од 2008 до 2015 година незаконски биле следени 4.286 телефонски броеви за кои воопшто не биле издадени судски наредби.