На вчерашната 54 седница Владата по одобрувањето на Комисијата за заразни болести, го донесе Протоколот за постапување на средните училишта при реализација на испитите од државната матура за учебната 2020/2021 година.
Владата ја разгледа и усвои Информацијата за проектот за дигитализација на конзуларните услуги во Дипломатско-конзуларните претставништва на Република Северна Македонија во странство.
Дигитализацијата на конзуларните услуги во странство (Е-конзулат) се наметна како неопходна потреба заради модернизирање на работата на ДКП-ата, а со крајна цел овозможување на брзи, ефикасни и економски исплатливи услуги на нашите граѓани во странство, што особено дојде до израз за време на кризата предизвикана од КОВИД-19.
Е-конзулат предвидува дигитализaција на конзуларните услуги кои се даваат во Дипломатско-конзуларните претставништва на Република Северна Македонија, почнувајќи од постапката за аплицирање, он-лајн плаќање, како и добивање на документите лично или по пошта. Со оваа платформа на македонските државјани кои живеат во странство ќе им се овозможи да дојдат до конзуларни услуги на полесен начин и за пократок временски период.
Владата го потврди и заклучокот на КОВИД-19 штабот за дополнување на исклучоците од забраната за движење, со што странските државјани што имаат регулиран постојан престој во земјата и што влегуваат во земјата во период кога е активна забраната за движење, или кои излегле од земјата пред прогласувањето на ограничувањето на движењето, можат да се вратат во своите домови.
Министрите во Владата ја одобрија годишната програма за работа на Агенцијата за остварување на правата на заедниците за 2021 година, која претставува насока за работата на Агенцијата во функција на промоција и поддршка во остварувањето на правата на заедниците кои се помалку од 20% од населението во земјата.