Додека владата во Србија најавува намалување на платите на просветните работници кои штрајкуваат, тие реагираат со повици за петдневен целосен прекин на наставата од 24 до 28 февруари.
Министерката за образование Славица Ѓукиќ Дејановиќ за Радио Слободна Европа (РСЕ) на српски јазик, потврди дека ќе се намалат февруарските плати на просветните работници кои штрајкуваат.
Секој ќе биде платен колку што работел“, рече таа и ги повика просветните работници да продолжат со образовниот процес, нагласувајќи дека загубите се ненадоместливи.
На 18 февруари истото го кажа и премиерот во заминување Милош Вучевиќ, кој испрати „последно предупредување“ до просветните работници.
Се надевам дека сите ќе се вразумиме, ќе разбереме дека ова е краен рок за враќање на редовната настава, во спротивно децата ќе изгубат една година“, рече Вучевиќ.
Ана Димитријевиќ, потпретседател на Форумот на белградските средни училишта и професорка во деветтата гимназија, за РСЕ изјави дека заканите за намалување на платите не можат ниту да ги исплашат ниту да ги натераат да влезат во училниците.
Дел од просветните работници протестираат од почетокот на учебната година. Бараат подобри плати и услови за работа. Нивниот протест и штрајк се засилија во бранот студентски протести кој траеше речиси три месеци.
Д. Т.