Ви пишуваме како луѓе кои 6 месеци живеат без плата, без статус и без иднина – поради државен срам кој никој не сака да го реши. Министерството за правда, под водство на Игор Филков, ни должи 3 плати за април, мај и јуни, а платата за јули е целосно непокриена, бидејќи Министерството сè уште одбива да нè преземе – и покрај тоа што Собранието на 24 јуни усвои закон што ги обврзува да го сторат тоа во рок од 30 дена. Рокот истече. Реакција – НУЛА. Одговор – НУЛА. Интерес – уште помалку, велат Вработените во Инспекторатот за употреба на јазиците.
„Седум месеци молк. Седум месеци понижување. Седум месеци без основно човечко достоинство.Додека ние живееме на кредит, купуваме леб на вересија и стравуваме за децата – Министерот се крие зад бирократија и ги штити личните интереси на директорот Арсим Идризи, кој ја користи институцијата за јавни набавки на сокчиња, за фотографирања и за вработувања на партиски послушници, додека ние остануваме на улица“, велат од таму.
Владата на чело со премиерот Христијан Мицкоски е целосно информирана за состојбата – и ако не реагира во оваа недела, ја презема целосната одговорност за уништување на судбините на цели семејства пред очите на јавноста.
„Ќе ве прашаме јавно: Што ќе му кажете на народот кога ќе види дека оставате државни службеници без плата пред избори? Како ќе се погледнете во очи со гласачите кога ќе се појават факти за оваа голгота? Како ќе објасните дека ги прекршивте сопствените закони?Почнува предизборен период. А ние ќе бидеме таму. На телевизија. Во портали. На протести. Со гласот што нема да го угасите. Со вистината што нема да ја закопате. Со решеност каква што досега не сте виделе.Ова не е молба. Ова е аларм. Пишувајте. Објавувајте. Нека знае цела држава што значи „вреднување“ на институциите во Македонија. Со отворен отпор“, велат Вработените во Инспекторатот за употреба на јазиците.












