Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, во вечерашното гостување на емисијата „Топ тема“ изјави дека е незамисливо во текот на летото, на 40 степени, со маски да се гласа. Во однос на лидерската средба кај Пендаровски, Заев рече дека состанокот бил продуктивен и се надева дека на следното седнување на маса кај претседателот на државата ќе се утврди точен датум за избори.
– Немаме политички калкулации. Претседателот ги свика членовите на ДИК за да прецизира точни рокови за ажурирање на избирачкиот список, имаме нови гласачи со наполнети 18 години, како и да се утврдат датуми за кампања, според сите здравствени протоколи, да знаеме што е дозволено. Ние го предложивме 14 јуни, но сме отворени да зборуваме, за да може опозицијата да се чувствува комотно и да организира кампања. Ако не прашаат од ОБСЕ и ОДИХР да имаат ориентационо кога е датумот, затоа и сакавме да се постави некој датум, рече Заев.
Според него, јуни е најдобриот момент да се одржат изборите затоа што потенцијалот на најмалку заразени од ковид 19 е сега.
За Заев е добра идејата за зголемување на времетраењето на избирачкиот ден, односно наместо до 19 часот, гласањето да се продолжи до 22 часот. Во однос на идејата за електронско гласање, тој рече дека треба да постои законодавна подготовка.