„Дојдоа времиња кога здравата животна средина станува луксуз и треба да се избориме за да ја зачуваме, или пак, воопшто да ја имаме“, стои во повикот за утрешниот протестен марш на граѓанската иницијатива „Доста“ од Струга, кој ќе се одржи од 16:30 часот, во знак на револт поради запалената депонија.
Протестот во Струга ќе започне на кружниот тек кај „Пливалиште“, а треба да заврши на кружниот тек на влезот на градот, при што, кратко ќе се блокира и магистралниот пат Подмоље – Ќафасан. Иницијаторите ќе упатат барање до локалната власт и до Владата на Република Македонија.
„Од локалната власт бараме под итно да го изгасне чадот од депонијата. Според нашите сознанија, има само еден чувар кој што работи една смена, и од депонијата постојано има чад. Од Владата ќе бараме да се формира работна група и од Министерството за животна средина да работат на конзервација на оваа депонија, бидејќи има многу штетни бактерии. Бараме од надлежните институции да направат анализи каде би било најсоодветно да се дислоцира депонијата“, изјави за ЦИВИЛ Медиа, Глигорие Ќатовски, од граѓанската иницијатива „Доста“.
„Стружани заслужуваат да живеат во здрава животна средина. Доста е! Доста дишеме, јадеме, живееме во чад и смрдеа! Стоп за загадувањето! Излези – за почист воздух, излези – за тебе, излези – за да го снема што поскоро демонот што ти е речиси во двор, излези – за поздрава иднина!“, повикуваат иницијаторите на Фејсбук.
Д. Муратов