Неколку стотини граѓани денеска се собраа пред Соборниот храм „Св. Климент Охридски“, протестирајќи против, како што велат, сите политички субјекти во земјата кои сакаат да ја разнебитат нејзината сувереност.
„Нејќам три, нејќам два, еден јазик сакам јас!“, извикуваа демонстраните пред поворката да се упати кон собраниската зграда.
Навидум мирно, без инциденти, помина овој марш организиран од здружението „Тврдокорни“, за кое Драган Угриновски, член на здружението, вели дека постои еден месец и дека со овој протест, сакаат да го изразат своето незадоволство од договорите кои партиите ги прават во двомесечниот период по парламентарните избори.
Угриновски им се обрати на медиумите, со молба нивните изјави да не се доведуваат во врска со ниту една партија и дека нивните цели, заинтересираните можат да ги видат на Фејсбук страницата на „Тврдокорни“.
По молитвата која ја прочита еден од членовите на здружението, поворката се упати кон споменикот на бранителите во паркот „Жена борец“.