Денот на ослободувањето на Скопје, 13 Ноември, е врежан во спомените на Скопјани, кои ја пренесуваат радоста и гордоста и денес. Да потсетат, да укажат и да пренесат како се сакал својот град. Победата над непријателот во далечната 1944 година била дочекана со солзи радосници и цвеќе за ослободителите. Партизаните победоносно, на коњи, парадирале низ центарот на градот.
По Скопје, останале неослободени градовите Тетово и Гостивар. Но, најголемата и најтешката битка, се сеќаваат борците, била издвојувана со ослободувањето на главниот град. Околу 500 партизани од кои стотина жени, учествувале во битките за ослободување на градот.
Во чест на скопските младинци, стрелани од страна на нацистите покрај Камени мост на 13 Ноември 1944, стоеше овој паметник.
Одреден период, кога во рамките на проектот „Скопје 2014“ споменикот беше отстранет, помеѓу Скопјани се поставуваше прашањето: Дали некој всушност сакаше од нивната меморијата да го избрише споменот на нивните стрелани сограѓани?
На 15 ноември 2014, група граѓани, можеби инспирирани од ветувањето на градоначалникот Коце Трајановски дека ќе го врати исчезнатиот споменик на десетмината стрелани скопјани на 13 ноември 1944 година, поставија импровизиран картонски споменик на истото место каде што се наоѓаше некогашниот споменик (на крајот на Камени мост, на десната страна – гледано од центар – на сегашниот плоштад Карпошово востание).
Во меѓувреме споменикот е вратен, но не на истото место, туку малку подолу на кејот. Никој не знае кога е вратен, но добро е што скопјани можат да го посетат и да им оддадат чест на паднатите за ослободувањето на Скопје.
Извор: Градска / Назми Абдурахмани