Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) ѝ додели околу 133 милиони нови специјални права на влечење (СПВ), или околу 161 милион евра на нашата земја, денеска ќе бидат вклучени во официјалните девизните резерви, информираат од Народната банка .
Овој износ, додаваат, ни е доделен во рамките на новата општа распределба на СПВ на ММФ и соодветствува со нашата квота во ММФ.
ММФ распредели вкупно 455 милијарди СПВ (околу 551 милијарда евра) на 190 земји членки. Целта на оваа најголема општа распределба на СПВ во историјата е со нив да се обезбеди непречен пристап до девизна ликвидност за земјите во време на најголемата здравствена и економска криза со која се соочува светот во изминатите децении.
СПВ се резервни средства креирани од ММФ кои земјите членки можат да ги чуваат како дел од своите официјални резерви или, пак, да ги искористат за плаќање долгови и камати, за идно зголемување на квотата во ММФ или за други буџетски потреби.
Доколку овие средства се чуваат како дел од сопствените официјални резерви, земјите немаат никаков трошок. Доколку се претворат во друга валута за да се искористат за други цели, тогаш трошоците за земјата се исклучително ниски (тековно каматна стапка на користење на СПВ изнесува 0,05 отсто), прецизираат од Народна банка.












