„Тој 25 мај, денот на младоста, ќе остане во моите сеќавања како безгрижен ден исполнет со гордост, среќа… За тој ден живеевме и се докажувавме во училиште да сме први во секциите за да ни дозволат да ја допреме штафетата на младоста. Вечерта со пригодна вечера седевме и го гледавме слетот го учевме текстот што ќе беше кажан и се молевме да не падне штафетоносецот по скалите кои водеа до Величенствениот наш другар ТИТО. И штом ќе завршеше слетот, обавезно беше прашањето: ,,Ти Луција како стоиш со оценките“? Да, 25 Мај ми е врежан како датум за последна шанса да се поправи некоја оценка“, истакна Луција Кировска, на прашањето на ЦИВИЛ на Фејсбук – Што ви значи датумот 25 Мај?
Моника Талеска, пишува:
„Денес, кога станувам пионер,
давам чесен пионерски збор
дека вредно ќе учам и работам
и ќе бидам верен и добар другар.
Дека ќе ја сакам нашата самоуправна татковина
Социјалистичка Федеративна Република Југославија,
дека ќе ги развивам братството и единството
и идеите за кои се бореше Тито.
Дека ќе ги почитувам сите луѓе на светот
што сакаат слобода и мир!“
Сашо Панкер коментира: „Денес после сите тие години од распадот ама баш ништо. Празник на една убава држава која веќе не постои. Таа приказна е одамна завршена“.
Марија Наткова Тодорова пишува: „Мене ми значи тоа што ни е годишнина од бракот со сопругот. А Југоносталгијата е се уште присутна во нашето живеење и сепак денов носи убави спомени на некои луѓе кои фатиле дел од тоа југословенско време“.
Маја Новак Церепналкоска пишува: На нас ни е годишнина од брак… Ние штимавме да биде на 25.05.1984., мораше баш тој датум, ни значеше, а се падна во петок (петоци не регистрираа тогаш). Во таа смисла фаќавме врски… Но, записничарот дојде, а матичарката – заборавила… Се разбира, кумот и младоженецот се растрчаа да ја бараат (предмобилна ера)… По извесно време дојде матичарката, со дебело задоцнување, ама кумот и младоженецот ги немаше. Конечно се пребројавме сите на број после „повуци/потегни“ и ете нè 36 години во брак. Па и да не е – датумот значи…
Ивана Илијевска и Баци Стојановска пишуваат дека 25 мај за нив значи – младост, среќа, љубов, безбедно живеење, слобода…
Икмет Гергиевска вели дека тоа беше убаво време, време на братство и единство, сплотен народ, образованието беше на врв…
Белинда Шипкоска Гастарова пишува: „Ми значи едно убаво и безгрижно време, ми значи семеен дух, сите дома пред телевизор кај што го гледаме слетот, ми значи радост, насмевки, сјај во очите, ми значи рецитирање на песната „Денес кога станувам пионер“… Ми значи многу, ми значи сè.
Александар Симеонов истакна: Штафета на младоста, дефиле, знамиња, некои големи батковци и дадички што зборуваа од свечено поставената бина, цвеќиња и насмевки…
Дарко Димитров пишува: „Ден на младоста ден на радоста. Роденден на другарот Тито, безбебдо и безгрижно општество, работа за сите, работникот пред сè, самоуправување убав живот.
Сузана Андреев потенцира: Мене многу ми значи, и не само што не се срамам да кажам, туку сум горда на себе, затоа што сум била дел од тоа дефиле на прославата на денот на младоста и роденденот на Тито“!
Д.М.