Се скратува времето што специјализантите треба да го одработат во здравствените установи по завршувањето на специјализацијата. Со измените во законот за здравствена заштита, намалена е и висината на средствата што треба да ги надомести доколку предвреме ја напушти болницата. Од здружението на лекари специјализанти ја поздравуваат измената на законот, за која како што велат со години се бореле за позитивни промени и подобрување на статусот на специјализантите, а се со цел да се намали одливот на лекари од земјава.
Државните специјализанти нема да плаќаат пет или дест пати повисока сума, ако порано ја напуштат здравсвтвената установа која ги пратила на специјализација. Сумата на пари што ќе треба да ја вратат ќе биде дупла од вложената. Државата ќе ги обврзува да останат во установата толку време колку што им траела специјализацијата, ова се дел од измените во законот за здравствена заштита, кои денеска ресорниот министер ги презентираше пред јавноста.
„Се скрати времето на задолжителна работа во ЈЗУ после завршувањето на спеицјализацијата и наместо дупло време од времетраењето на специјализацијата тоа е сега еднакво на времето на траење на специјализацијата. Сумата на пари која што ќе треба да се врати доколку некој одлучи да замине од инситуцијата ќе биде дупла од вложената сума, а не пет или десет пати повеќе како што тоа беше досега“. – изјави министерот за здравство, Венко Филипче.
Измените во законот се добар чекор, но не ги решаваат во целост стандардите и условите во кои работат специјализантите, велат од здруженијата. Остануваат проблемите со приватните специјализанти кои и натаму работат без платени придонеси, а и дежураат без пари. Дежурствата не им се платени и на дел од државните специјализанти.
„Ние сме задоволни, но не застануваме тука и продолжуваме и понатаму да се бориме за нашите права, а тоа е да во иднина го решиме проблемот на кофинансираните специјализанти, потоа да се обезбедат придонеси за приватните специјализанти и да имаме платени дежурства, кои во овој момент не се“. – изјави д-р Билјана Додева – Здружение лекари и специјализанти ЗЛС.
Измените во законот за здравствена заштита поминаа на собраниска седница. Освен за специјализантите, со новите законски измени, лекарите кои заминуваат во пензија ќе може да продолжат да работат како консултанти во матичната, но и во која било друга установа, а се укинуваат и менаџерските испити за директори на ЈЗУ.