Собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата на денешната седница ги утврди листите на кандидати доставени на јавни конкурси за избор на членови на Советот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) и на Програмскиот совет на Македонската радиотелевизија (МРТ).
Како што соопшти на седницата претседателот на Комисијата Илија Димовски, на конкурсот за АВМУ се пријавиле 28 кандидати, од кои сите ги исполнуваат формално правните услови да продолжат во наредните фази од процесот на изборот. За програмскиот Совет на МРТ кандидатура поднеле 19 лица, од кои 18 ги исполнуваат формално правните услови и продолжуваат во наредните фази од процесот.
Утврдените листи се условни и пред да бидат упатени на јавна расправа кандидатите треба да бидат проверени од страна на Антикорупциската комисија која треба да достави советодавно мислење за секој од нив дали ги исполнува условите за непостоење судир на интереси утврдени согласно законските услови.
Советот на АВМУ брои седум члена, а Програмскиот совет на МРТ треба да брои 11 члена. Гласањето кое е трета фаза од процесот за избор на членови во овие две тела треба да се изврши со двотретинско мнозинство.
Инаку, се очекува седницата за јавната расправа да биде закажана по одморите и откако ќе биде добиено мислењето од Антикорупциска.
Комисијата утре ќе продолжи по останатите точки од дневниот ред од 24-та и 17-та седница.












