Ако некој сака да го замени старото возило со ново, ќе има можност да добие субвенција од 2.000 до 3.000 евра. Критериумите за поддршката се уште не се дефинирани, но веројатно ќе базираат на приходите во семејствата, соопшти денеска министерот за економија Крешник Бектеши.
Бектеши на прес-конференција рече дека ова е една од мерките предвидени со новиот Закон за моторни возила, што беше донесен вчера во Собранието. Ако има ребаланс на Буџетот реализацијата на оваа и останатите планирани мерки ќе почне годинава, а ако не, тогаш средства ќе се обезбедат догодина и имплементацијата ќе стартува од 1 јануари 2020.
– Нелогично би било некој да купи возило вредно 30.000 или 40.000 евра, а да добие субвенција, рече министерот, образложувајќи ги мерките.
Тој информира дека сите регуларно регистрирани таксисти, ќе треба да стават жолти таблички што ќе значи не само исполнување на нивното барање, туку и поголема сигурност за граѓаните.
Остануваат нејаснотии со ставката за субвенции од 2 до 3000 евра за замена на старо возило, на пример, на која сума од приходите на семејствата ќе се базира критериумот за субвенции, дали оваа мерка ќе ги опфати семејствата со по еден месечен приход, семејствата со минимални или просечни приходи, или ќе се однесува не секој што има потреба од замена на старо возило. Дали министерството за економија ќе одредува кој тип на возила ќе можат да се заменат и за кој тип на возила ќе има субвенции, доколку во министертвото ги решат дилемите околу критериумите.
Д. Т.












