Власта вршела притисоци врз администрацијата и ја присилувала да гласа за Стево Пендаровски на Претседателските избори, обвини ВМРО-ДПМНЕ, објавувајќи таканаречена „аудио-бомба“.
Од ВМРО-ДПМНЕ бараат Министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески веднаш да поднесе оставка, а обвинителството по допрен глас итно да отвори предмет за да ги истражи наводните злоупотреби.
Од аудио снимката која е пуштена во интернет просторот, се слушаат гласовите на Миле Талески, претседател на општинската организација на СДСМ во Прилеп и Горан Сугарески, министер за транспорт и врски на состанокот со нововработените во прилепската болница. Тие директно им кажуваат и им даваат задачи дека сите нововработени како надомест за добиеното работно место мора да истрчаат за партијата на изборите. Во конкретниот случај треба да истрчаат за Стево Пендаровски, потенцираат од ВМРО-ДПМНЕ.
Претседател на ОО Прилеп, Миле Талески демантира дека имало злоупотреба и притисоци и „бомбата“ на ВМРО-ДПМНЕ ја нарече „петарда, која ВМРО-ДПМНЕ си ја испука во сопствената рака“.
„ДПМНЕ прави очајнички обид да ја дефокусира јавноста од аферите во кои е инволвиран Христијан Мицкоски, продолжената рака на Никола Груевски. Денешната снимка самата покажува на јавноста што значи одделување на партијата и државата.
Станува збор за снимка направена на партиски состанок, во партиски простории, во предизборие, кога се бара глас повеќе од граѓаните како и во секоја друга кампања.
Повторувам, Јас и Горан Сугарески, на тој редовен состанок во партијата, сме во улога на партиски функционери кои одржуваме партиски состанок во партиски простории, надвор од работно време.
Тоа е сосем спротивно од времињата на мвро-вмро, кога во институциите се држеа партиски состаноци и се малтретираа вработените.
На снимката нема ниту збор за уцени, закани, или било какви условување по работно место. Тоа од мене и од СДСМ никогаш и никаде ниту било кажано, ниту некогаш ќе го слушнете. Тоа не беше случај со ВМРО-ДПМНЕ во чии разговори слушнавме како се закануваат со ендеци, хилти, пиштење – вриштење, палење ресторани.
Потенцирам уште еднаш, на снимката јасно потенцирам дека од партиските членови не барам да прават ништо незаконско, за разлика од претходната власт која на избори праќаше насилници од МВР, која рекетираше фирми, зборуваше за влечење гласачи за уши и врат“, рече Талески.
Д. М.