Претседателот Стево Пендаровски денеска оствари средба со премиерот на Бугарија, Бојко Борисов.
На средбата беа разменети мислења за севкупните билатерални односи меѓу двете држави, при што беше констатирано дека Северна Македонија и Бугарија се посветени кон јакнење на добрососедските односи и унапредување на соработката во сите сфери од заеднички интерес.
На средбата беше констатирано дека заедничкото претседавање со Берлинскиот процес, претставува одлична можност за понатамошно зајакнување на добрососедските односи и посилна улога на двете држави во регионалните прашања.
Двајцата констатираа дека Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Северна Македонија и Бугарија внесе позитивна динамика во севкупните билатерални односи, а со неговото потпишување во 2017 година двете држави дадоа позитивен пример за надминување на останатите отворени прашања во регионот.
Пендаровски изрази уверување за натамошна добра работа на Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања, како обврска произлезена од Договорот за пријателство, добрососедство и соработка. Истовремено, Пендаровски повика на воздржаност од политичките водства на двете држави, со цел да им се овозможи на историчарите успешно да ги завршат обврските во рамки на комисијата.
Пендаровски се заблагодари за севкупната поддршка од Република Бугарија за аспирациите на Република Северна Македонија за членство во Европската унија и во НАТО. Во тој контекст, тој го реафирмираше очекувањето дека Република Северна Македонија во октомври ќе добие датум за почеток на пристапните преговори со Европската унија.
Борисов е денеска во официјална посета на државава, по повод две години од Договорот за добрососедство со Бугарија и одржа заедничка прес-конференција со Заев, од каде заминаа во црквата „Св. Спас“ и се поклонија и положија цвеќе на гробот на Гоце Делчев.
Предвидено е Борисов и Заев потоа да заминат за Дојран каде што ќе положат цвеќе на споменикот на полковник Константин Каварналиев.
А. Петровска