Од Специјалното јавно обвинителство велат дека сѐ уште немаат добиено писмен допис од Јавното обвинителство на РСМ за да може да известат дали и како ќе се постапува со предметите на СЈО.
„Воедно, во оваа прилика сакаме уште еднаш да ја изразиме нашата загриженост поради фактот што до овој момент ниту е избран јавен обвинител кој ќе ја замени Катица Јанева, ниту пак е донесено ново законско решение со кое што ќе се регулира статусот на ова Јавно обвинителство. Потсетуваме дека мандатот на СЈО е до 15 септември 2020 година, до кога продолжуваат работниот однос на вработените во Обвинителството и тековните обврски на институцијата. Отсуството на регулатива за тоа што ќе се случува со вработените, тековните обврски, архивата и материјалите со кои располага Обвинителството, во ситуација кога нема раководно лице на институцијата, ќе доведе до реални проблеми во остварувањето на правата од работен однос на вработените лица и намирување на обврските на институцијата, а воедно ќе отсуствува и контрола на спроведувањето на безбедносните процедури поврзани со сите материјали со кои располага Обвинителството“, соопштуваат од СЈО.
Д.М.












