По повод сеќавање на трагичниот настан „Кристална ноќ“, Младински образовен форум, организира изложба „Ана Франк – Историја за денес“ во сабота од 17 до 23 часот на плоштадот „Филип Втори“ во Скопје.
Ноќта на 9 и 10 ноември 1938 година нацистите организираат масовен напад на еврејските заедници во Германија. Името „Кристална ноќ“ потекнува од Берлин, каде улиците се покриени со стакло од скршените прозорци. Скоро 30.000 Евреи се уапсени и депортирани во концентрациони логори, 267 синагоги се изгорени, околу 7.500 еврејски станови и продавници се уништени, над 200 Евреи се убиени.
Изложбата е составена од триесет и девет изложбени панели кои ја раскажуваат приказната за Ана Франк, истовремено раскажувајќи за Холокаустот и Втората светска војна. Изложбата ја дополнуваат седум панели за домашниот контекст во периодот по Втората светска војна до денес.
Изложбата во Северна Македонија е изработена и донесена во рамки на проектот „Хисторија, Историја, Повјест – Лекции за сегашноста“ поддржан од Европска унија, а поддршка доби и од Министерство за надворешни работи, Министерството за култура, Министерството за образование и наука, Меморијалниот центар на Холокаустот на Евреите од Македонија и Амбасадата на Кралството Холандија. До сега, изложбата беше поставена во 22 градови, а ја посетија повеќе од 19 илјади посетители.