пишува МИЛАН БАНОВ
Со години наназад во јавноста беше речиси зацементирано сознанието не само за неделотворноста во борбата против криминалот и корупцијата, туку и за исклученоста на најкрупните криминалци од неа, кои заштитени со својството „бизнис олигархја“, беа во директна спрегате со врвовите на власта. И тој хармоничен однос на моќните темелно ја опредмети синтагмата „организиран криминал“, кој иако, што се вели, можеше да се види и „од авион“, многу ретко или дури и никогаш, не се приземји на нивото на истражни и судски постапки.
Логично, ваквата ситуација на мафијашите од нашите сокаци им го донесе и чувството дека, барем во овој живот, се далеку од дофатот на мечот на Јустиција, што, се разбира, резултираше со нови криминални потфати и со обезбедување на несомнени „заслуги и успеси“ во сликањето на Македонија како една од најкриминализираните земји во Европа.
Широко отворениот фронт против криминалот и корупцијата, чија ударна сила бездруго е насочена кон некогаш недопирливите, денес веќе го крши оној бетон на увереноста за безбедната позиција што до неодамна ја обезбедуваа незаконски соѕиданите империи. Впрочем, за тоа сведочи и галеријата на ликови чии портрети од ден на ден сè повеќе ја надополнуваат поставката на црната хроника, што само по себе ја изнудува констатацијата дека, ете, традиционалниот пријателски однос, блискоста и спрегата меѓу власта и криминализираната бизнис елита добиваат деструктивен карактер. А, од тоа разорување на сојузот, покрај, се разбира, државата и граѓаните, најголем бенифит секако има и власта, па оттука, тешко е да се препознае поинаква логика од онаа која сугерира жестока пресметка со криминалците, независно од нивните пари, моќ, блискост до одредена политичка формација и слично.
Иако не е осамен, Јордан Камчев, сопственикот на фирми (што дома што во странство) кои тешко можат да се избројат, во светлината на актуелните сомневања за случајот „Империја“ (перење милионски суми пари, оштетување или повластување доверители, затајување данок и така натаму и така натаму) ја сенчи онаа погоре спомената слика за делот на бизнис елитата чие богатство е помалку резултат на стандардните и регуларни пазарни и економски законитости, а повеќе на успешното функционирање во просторот кој е надвор од законската рамка. Затоа е и доста парадигматичен кога се портретира ликот на автономниот бизнис олигарх кој проникна и, барем досега, успешно вирееше во предолго присутната македонска транзиција.
Многу ми е блиска претпоставката дека г-дин Орце Камчев нема поим кои се Иљф и Петров, ниту пак знае за нивниот роман „Златното теле“. Но, дури и во своето претпоставено незнаење, едуциран преку нагледаната настава на чии часови го стекнал сознанието за тамаќарскиот синдром и за коруптивната природа на претходните влади, нашиов јунак непогрешливо го препознал Остап Бендер во себе и сфатил дека таквиот тип на „деловен“ човек идеално се вклопува во бушавите времиња и меѓу оние кои ги разбушавиле. Според тоа, станува логично што, да речеме, најбогатиот човек во државата (по сопствено признание) по потреба ги менуваше капите, нивните бои и симболи – на општо задоволство на сите. И токму тоа задоволство, придружено со благодарноста кон Камчев за неговиот опиплив придонес за развојот на партиите и, секако, за хуманитарните донации во семејните буџети на високи партиски и државни функционери, уверен сум, кај него предизвикало некритичко сознание дека патронството на силните му овозможува до степен на безобразие да биде над законите во оваа држава.
И кога сме веќе кај безобразието (би додал и цинизам), поинаку навистина не можам да ја дефинирам неговата скорешна постапка да поднесе кривична пријава против обвинителката Лиле Стефанова, против Катица Јанева и нејзиниот син, замислете, за злосторничко здружување, за создавање група која имала за цел да се здобие со имотна корист и да го оштети Јордан Камчев. Инаку, за потсетување, кривичната пријава доаѓа три дена по одбивањето на Стефанова (го води случајот „Империја“) да му издаде времен пасош со кој ќе може да ја напушти земјата. Дали на подолг или покус временски рок; дали за да отпатува во Бугарија за да ја реактивира номинацијата за почесен конзул, или за да присуствува на некој голем спортски настан, е тоа, не можеме да знаеме.
Меѓутоа, можеби и повеќе од споменатото брзобразие, од нааканоста и од исчашената престава дека измамата секогаш може да помине тогаш кога го носи авторството на богатите, повредува сознанието дека речиси по дефиниција криминализираните типови во оваа држава се луѓе, кои освен за криминалот, се со таканаречен „игнаво ратио“, со сомнителен интелектуален капацитет, примитивни во однесувањето, насилни во постапките, бездарнички обдарени… Да, навредливо е кога ќе ви се потврди дека некој кој изградил цела доктрина врз постулатите глупост и приземност, ѝ се потсмева на цела држава, обвинувајќи обвинител што него го обвинува, сметајќи и натаму дека законот е ништожен во однос на парите.
Но, имам некое претчувство дека по претпоставеното совладување на „нашите универзитети“ од која месечината се доживува како карирано сако (доколку се докажат обвиненијата), и јунаков на нашава приказна и редица други моќници и силници ќе ги променат ваквите свои ставови. И, којзнае, можеби ќе го прочитаат „Златното теле“.