Во присуство на грчкиот премиер, Кирјакос Мицотакис, кипарскиот претседател, Никос Анастасиадис и израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, министрите за животна средина и енергија на Грција, Кипар и Израел попладнево во Атина ќе го потпишат договорот меѓу трите земји за изградба на гасоводот EastMed.
Гасоводот во должина од 2100 километри тргнува од Израел, а преку Кипар и Грција стигнува до Италија.
Италија дополнително ќе го потпише договорот, а надлежниот министер за енергија Стефано Патуанели, испратил писмо до неговиот грчки колега Костис Хаѕидакис во кое испраќа честитки за иницијативата и ја изразува поддршката на Италија.
Пред потпишувањето на договорот ќе се одржи трилатерална средба на Мицотакис, Анастасиадис и Нетанјаху.
На манифестацијата за потпишување на договорот, по покана на министерот за животна средина и енергија на Грција, ќе присуствуваат и претходните министри од СИРИЗА и Движење на промена, бидејќи, како што вели Хаѕидакис, и тие придонеле планот да се спроведе во пракса. / МИА