Германската канцеларка Ангела Меркел изјави дека „расизмот е отров“ и оти вчерашното смртоносно пукање во Ханау најверојатно било поврзано со десничарскиот екстремизам, јави ДПА.
– Расизмот е отров. Омразата е отров. И оваа омраза постои во нашето општество, рече Меркел, но дополнувајќи дека Германија верува во „достоинство“ за секој човек, без оглед на расата или етничката припадност.
Таа ја искористи својата кратка изјава за да изрази сочувство кон сите жртви и нивните семејства во „исклучително тажниот ден“.
Девет лица беа застрелани во нападите во барови во градот Ханау, близу Франкфурт. Подоцна, наводниот напаѓач и неговата мајка беа пронајдени мртви во нивната резиденција.
Германскиот министер за надворешни работи, Хајко Мас, предупреди денеска, по терористичкиот напад во барови во Ханау, дека десничарскиот тероризам повторно стана закана за државата.
– Ако се потврди сомневањето, тогаш ова злосторство е трет десничарски екстремистички напад во Германија за само една година, нагласи Мас во изјавата за германските медиуми.
Тој рече дека е време да сфати дека демократијата мора да се брани од непријателите на слободата.
Германското федерално обвинителство соопшти денеска дека постојат индиции дека напаѓачот кој уби девет лица во барови во Ханау, на 20 километри од Франкфурт, имал ултрадесничарски мотиви и поради тоа, истрагата се води за тероризам.
– Врз основа на што досега го знаеме постои ксенофобична основа поради која тој ги извршил нападите, изјави Петер Беут, министер за внатрешни работи на сојузната покраина Хесен.
Полицијата соопшти дека верува оти напаѓачот се вратил дома по нападот и се застрелал. Напаѓачот, како што јави ДПА поседувал легално огнено оружје.
Извор: МИА