Амбасадата на Република Северна Македонија во Љубљана изнајде начин да им однесе храна и вода на возачите на товарни возила од земјава, кои во моментов се заглавени на италијанско-словенечката граница.
Министерот за надворешни работи, Никола Димитров, информира дека има многу граѓани и камиони на кои им треба помош, а се задржани на една или на друга граница.
„Правиме максимални напори да си ги донесеме дома. Утре планираме видео конференции со регионот за да најдеме системско решение за транспортот“, напиша Димитров на својот фејсбук профил.
„Апелирам до сите граѓани да се воздржат од било какви патувања во странство, бидејќи состојбите се крајно непредвидливи. Време е за врвна одговорност, смиреност, солидарност и засукани ракави“, истакна тој.